Фото: Косова прес / Принтскрин

Се оформи косовскиот парламент, претседателка е Аљбулена Хаџиу од партијата на Курти

Пратениците во косовското Собрание во средата ја избраа Аљбулена Хаџиу за претседателка на парламентот, со што официјално започна работата на десеттиот парламентарен состав од 2001 година наваму, објави „Приштина инсајт“.

Хаџиу, поранешна министерка за правда од победничката партија Самоопределување, беше избрана со 66 гласа „за“, 44 „против“ и 8 воздржани.

На истата седница, пратениците избраа пет потпретседатели во пакет-гласање, во согласност со неодамнешната одлука на Уставниот суд. Предлогот доби 104 гласа „за“, 3 „против“ и 6 воздржани.

Во своето инаугуративно обраќање, Хаџиу ја истакна важноста на функционалните институции и јавните услуги.

– Да се води парламентот значи да ѝ се служи на Републиката. Собранието е дом на сите наши граѓани. Функционален парламент е предуслов за силна држава и за одржлива демократија. Денес, во оваа сала, имаме заедничка должност: да им служиме на граѓаните со интегритет. Можеби имаме разлики, но одговорностите ни се заеднички – изјави Хаџиу пред пратениците, ветувајќи дека институцијата ќе функционира достоинствено и во согласност со Уставот и со законите на Косово.

Скандал на изборите во Косово: речиси 15.000 гласови биле распределени кај погрешни кандидати, следи повторно пребројување

Според резултатите од изборите во декември 2025 година, движењето Самоопределување обезбеди 57 пратенички места во 120-членото Собрание, по што следуваат Демократската партија на Косово со 22 пратеници, Демократскиот сојуз на Косово со 15 и Алијансата за иднината на Косово со 6.

Од вкупно 120 места во Собранието, 20 се уставно загарантирани за немнозинските заедници. Десет од тие места се резервирани за српската заедница, од кои девет ќе ги држи Српската листа, а едно Ненад Рашиќ од Партијата за слобода, правда и опстанок.

Две места ќе им припаднат на претставници на Турската демократска партија на Косово.

Нова парламентарна седница за избор на новата влада, предводена од лидерот на Самоопределување, Аљбин Курти, се очекува да започне во средата навечер. Пред тоа, претседателката Вјоса Османи треба да му го додели мандатот на Курти за формирање нова влада.

Изборен скандал во Косово: 34 претседатели на избирачки одбори осомничени за фалсификување на гласови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот