Газета Експрес

Скандал на изборите во Косово: речиси 15.000 гласови биле распределени кај погрешни кандидати, следи повторно пребројување

Истрагата треба да оди подалеку од техничкото ниво на процесот на броење. Повторливите обрасци на отстапувања во корист на одредени кандидати, во рамки на одделни општини и меѓу повеќе општини, создаваат основано сомневање дека не станува збор за човечка грешка или случајност, туку за намерни дејствија на комесарите. Кандидатите, кои имаат корист од овие несогласувања и манипулации, треба да бидат дел од истрагата, за да се утврди дали постоело поттикнување, координација или директна или индиректна вмешаност во манипулирањето со гласовите, соопшти Центалната изборна комисија на Косово.

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) во понеделникот реши повторно да ги преброи гласовите на сите избирачки места во сите 28 општини, откако повторното броење во десет општини – кое опфати 36 проценти од вкупно 2.557 гласачки кутии – покажа манипулации со гласовите дадени за пратенички кандидати при првичното броење, објави „Балкан инсајт“.

По пребројувањето на гласовите, утврдено е дека во 316 од вкупно 914 избирачки места, речиси 15.000 гласови биле напишани за погрешни кандидати.

Претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи, објасни дека повторното броење во десет општини, одлучено на 13 јануари, открило „можни грешки при евидентирањето на гласовите за кандидатите и додавање гласови како резултат на повторна проценка на неважечки ливчиња, а на одредени избирачки места се забележуваат и поголеми промени кај некои кандидати“.

Тој посочи дека промените во бројот на гласови за кандидатите по повторното броење укажуваат дека процесот бил неточен, иако речиси и да нема промени во вкупните резултати по партии.

Еден од поекстремните случаи, според Радониќи, е забележан во Призрен, каде по повторното броење на одредени кандидати им биле одземени 29.343 гласа, додека на други им биле додадени 16.366 гласа. Вкупно, „по повторното броење, на кандидатите им биле додадени 20.978 гласа кои претходно не биле правилно евидентирани“, изјави тој.

ЦИК ќе ги достави наодите од повторното броење до Специјалното обвинителство на понатамошна истрага.

Претходно во понеделникот, локалната мрежа на набљудувачи на избори „Демократија на дело“ (ДИА) повика на сеопфатна истрага за утврдување индивидуална одговорност и можни координирани дејствија.

„Истрагата треба да оди подалеку од техничкото ниво на процесот на броење. Повторливите обрасци на отстапувања во корист на одредени кандидати, во рамки на одделни општини и меѓу повеќе општини, создаваат основано сомневање дека не станува збор за човечка грешка или случајност, туку за намерни дејствија на комесарите. Кандидатите, кои имаат корист од овие несогласувања и манипулации, треба да бидат дел од истрагата, за да се утврди дали постоело поттикнување, координација или директна или индиректна вмешаност во манипулирањето со гласовите,“ соопшти ДИА во објава на „Фејсбук“.

Повторното броење доведе до драстични промени кај листите на некои кандидати, особено во опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), каде што одредени кандидати изгубија илјадници гласови. Пратеничкиот кандидат Фетах Пацаризи изгубил 6.022 гласа по повторното броење – најголемата разлика досега.

Друг кандидат на ПДК, Уран Исмаили, поранешен кандидат за градоначалник на Приштина, добил 763 гласа повеќе во однос на првичните резултати.

Во Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), најголеми промени се забележани во Призрен, каде кандидатот Џавит Ука имал 1.597 гласа помалку по повторното броење, додека Парис Гури добил 181 глас повеќе.

Значителни промени се регистрирани и кај победничката партија на изборите од 28 декември, Движењето Самоопределување (Ветевендосје). Пратеничкиот кандидат Арбер Реџај изгубил 631 глас, додека поранешниот претседател на Собранието Глаук Коњуфца добил 161 глас повеќе по повторното броење.

Двајца опозициски лидери повикаа на целосно повторно броење на гласовите по овие промени: лидерот на ЛДК, Лумир Абдиксику, и лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај.

Прелиминарните резултати од предвремените парламентарни избори покажаа дека владејачката партија, предводена од актуелниот премиер Албин Курти, води убедливо со 51,1 процент од гласовите, што му овозможува да формира влада без коалициски договори и да стави крај на десетмесечниот институционален застој. Партијата ќе има 57 пратеници во Собранието со 120 места.

ПДК, предводена од Бедри Хамза, освои 20,2 проценти, ЛДК 13,2 проценти, а Алијансата за иднината на Косово 5,5 проценти.

Инаку, локалните и меѓународните организации генерално го поздравија мирното и уредно спроведување на изборниот процес од страна на ЦИК, и покрај краткиот рок за подготовка со кој располагаше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот