Одземени им се лиценците на четири управители на згради – не го фермале Законот за домување
Регулаторната комисија за домување (РКД) информира дека им одзела лиценци на четири правни субјекти – управители на станбени згради, откако спровела вонредна периодична проверка дали тие ги исполнувале условите за работа според Законот за домување.
Препорачано
Од РКД појаснуваат дека проверката била спроведена меѓу управителите во повеќе градови низ државата, меѓу кои и Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола и други.
Според податоците, 62 правни субјекти работеле според законските обврски.
„Кај четири управители, од кои три со седиште во Скопје и еден во Струмица, се констатирани неправилности, недоставени податоци или неисполнување на законските обврски“, соопштија од Комисијата.
Претседателот на РКД, Никола Затуроски, изјави дека дел од управителите не извршувале дејност во период подолг од шест месеци, додека кај други биле утврдени пропусти во однос на резервниот фонд и финансиското известување.
Според РКД, во државата има вкупно 8.053 станбени згради, од кои 5.600 се под лиценцирани управители, додека останатите функционираат преку заедници на сопственици.


