Oдливот на квалификуван кадар ќе се спречи со попривлечни работни места

Од Стопанската комора на Македонија велат дека уште минатата година до Владата била доставена иницијатива за масовната миграција на младите од државата и за изнаоѓање на решенија за обезбедување на квалификуван кадар за потребите на бизнис секторот.

Работните места да се направат попривлечни и да се подигне свеста за можните ризици од одењето во странство се дел од начините како да се надмине проблемот со недостиг на квалификувана работна сила со кој се соочуваат компаниите по одливот на работна сила во европските држави.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека уште минатата година до Владата била доставена иницијатива за масовната миграција на младите од државата и за изнаоѓање на решенија за обезбедување на квалификуван кадар за потребите на бизнис секторот. Оттаму сметаат дека дуалното образование во средните стручни училишта е една од мерките која на долг рок ќе даде резултати, но потребно е да се работи и на подигнување на јавната свест за важноста на средното стручно образование и за ризиците со кои би можеле да се соочуваат младите при одењето во странство.

– Имаме конкретни примери од некои компании кои ни кажуваат дека работници кои заминале во странство, сега се враќаат било поради тоа што не биле задоволни од условите што ги добиле таму или поради фактот дека не биле свесни оти трошоците за живот се многу повисоки за разлика од тука. Посочени ни се и случаи на определен тип на измами на работници кои се препраќаат во странство од агенции за ангажирање каде не им бил најден соодветен работен ангажман, истакна Елена Милевска-Штрбевска, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.

Германија е една од земјите во кои најмногу заминува квалификувана работна сила и каде на годишно ниво по различни основи се издаваат околу 10 илјади визи. Од земјите од Западен Балкан се примаат и работници со ниски квалификации, но полесно до виза може да дојдат лекарите и инженерите.

Според заменик-амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф, важно е компаниите да ги направат работните места попривлечни за да ги задржат младите во земјава. Со ваков проблем не се соочуваат компаниите во кои продуктивноста расте, бидејќи тие ги зголемуваат платите.

– Ова е проблем кај компаниите кои се ограничени од пазарните услови. Доколку продуктивноста расте, секоја компанија ги покачува платите, вели Граф.

Добивањето датум за преговори со Европската унија, според Граф, може да биде само мотив плус за германските инвеститори, но не и е главен фактор при одлучувањето да инвестираат.

– Датумот за преговори може да биде поттик, но не е суштински. Реформите ги правиме за нас, а не за Европската унија, порача Граф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот