Фото: Albert Shakirov / Alamy / Profimedia

Од тишината до вештачката интелигенција: Седум клучни трендови што ги обликуваат патувањата во 2026 година

Податоците од водечките светски хотелски синџири, туристички компании и аналитичари на трендови покажуваат дека 2026 година ќе биде обележана со тивки бегства, патувања обликувани од алгоритми, ултра-персонализирани одмори и враќање кон побавен, посвесен начин на патување.

Статистичари, бихевиорални експерти и туристички фирми со месеци наназад собираат податоци за да утврдат во кој правец се движи туристичката индустрија. Од одмори во поладни предели, тренд што се појави пред неколку години и беше прогласен за збор на годината во познат речник, до луксузни патувања со ранец на грб, годишните туристички трендови речиси секогаш доаѓаат со нови, необични називи и го одразуваат начинот на кој живееме – или начинот на кој би сакале да живееме.

Би-би-си издвојува неколку од најинтересните предвидувања за 2026 година и новите поими што таа ги носи. Ова се клучните трендови што нè очекуваат.

1. Тишината како најголем луксуз

Еден тренд јасно се издвојува: тивки одмори. Овој концепт става акцент на удобноста, мирот и бегството од наталожениот стрес на современиот живот. Во време на постојана поврзаност и непрекинат прилив на информации, потребата за исклучување станува сè поизразена.

Хектор Хјуз, соосновач на британска мрежа кабини наменети за дигитален детокс – „Анплагд“, вели дека интересот за ваков тип одмори нагло расте. Според него, кога иницијативата започнала во 2020 година, идејата за живеење без екрани била речиси непозната, додека денес повеќе од половина од гостите како главна причина за доаѓање ги наведуваат менталното согорување и заморот од постојана изложеност на екрани.

Трендот е присутен низ целиот свет. Во јужна Шведска постои специјална мапа на тишината со локации рангирани според нивото на бучава, додека во американската сојузна држава Орегон постојат ретрити каде што гостите поминуваат неколку дена во целосен мрак.

2. Вештачка интелигенција наместо административен хаос

Во 2026 година, вештачката интелигенција, односно ВИ, ќе биде уште поприсутна во патувањата. Истражувањата на компанијата „Амадеус“ покажуваат дека сè повеќе патници веќе ја користат ВИ за планирање и резервации. Туристичките платформи, како што е „Букинг“, постепено воведуваат интелигентни алатки кои можат да предложат дестинации, сместување и активности, прилагодени на личните потреби на корисникот.

Со превод во реално време, дигитални пријави и мобилни документи, технологијата тивко ја отстранува администрацијата што со децении беше составен дел од патувањата.

Сепак, експертите предупредуваат и на ризици. Алгоритамските препораки можат да доведат до пренатрупаност на одредени дестинации, а се забележува и пораст на туристички измами поврзани со новите технологии, поради што се советува внимателност.

Културната аналитичарка Јасмин Бина, која е и директорка на „Концепт биро“, вели дека генеративната ВИ го менува начинот на кој луѓето ги формулираат своите желби, но не и суштинските причини поради кои патуваат. Наместо површно пребарување на одмори, патниците сè почесто ќе користат ВИ за подобро да го разберат сопственото емоционално и ментално состојание и да изберат дестинација што му одговара.

3. Доверба наместо постојан избор

Заморот од донесување одлуки станува глобален проблем, па сè повеќе туристички аранжмани се осмислуваат така што гостите не мора да одлучуваат за ништо.

На одредени острови во северна Европа изборот намерно се ограничува во име на одржливоста, додека на други места се нудат таканаречени мистериозни патувања, каде што гостите однапред не знаат каде ќе одат или што ќе прават. Целта е целосно опуштање и ослободување од менталниот товар на планирањето.

Фото: Pexels

4. Патишта наместо аеродроми

Според најновите анализи на „Хилтон“ во врска со трендовите во 2026 година, патувањата со автомобил доживуваат вистинска ренесанса. Сè повеќе луѓе повторно ги откриваат убавините на патувањето по отворен пат, со сопствено темпо и поголема слобода.

Дел од патниците се одлучуваат за оваа форма на патување од финансиски причини, бидејќи е поисплатлива, додека други ја избираат поради чувството на авантура и контрола. Истражувањата покажуваат дека значителен дел од европските семејства планираат одмори со автомобил токму поради заштеда и флексибилност.

5. Ултра-персонализација наместо универзални понуди

Ерата на истите аранжмани за сите е зад нас. Туристичката индустрија сè повеќе се насочува кон индивидуални искуства, прилагодени на конкретни животни фази и лични состојби.

Се појавуваат патувања наменети за луѓе кои минуваат низ развод, тагување, животни пресврти, менопауза или едноставно сакаат одмор поврзан со сопствено хоби. Според експертите, ваквите патувања создаваат простор за емоционално прочистување и лична трансформација.

6. Надвор од туристичката мрежа

Сè повеќе патници се оддалечуваат од класичните, препознатливи дестинации и бараат места што сè уште не се пренатрупани. Расте интересот за помали градови, рурални региони и дестинации кои нудат автентично искуство и подлабока врска со локалната култура.

Овој тренд ја одразува желбата за личен раст, мир и искуства што не се диктирани од масовниот туризам.

7. Културата пред хедонизмот

Културните и книжевните патувања стануваат сè попопуларни. Инспирирани од книги, филмови и серии, патниците бараат подлабока смисла во своите одмори. Хотелите нудат библиотеки, тематски престои и организирани читачки одмори.

Според аналитичарите, во време на глобални кризи луѓето често бегаат во приказни и фикција, не за да избегаат од реалноста, туку за подобро да ги разберат сопствените стравови, надежи и желби.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ: „Семејство на пат“ – големи авантури и настава од дома

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот