Фото: mdbodyandmedspa.com / CC BY-NC 4.0

Од шверц до естетски интервенции — докторите и помагачите предизвикале сериозна општа опасност

Вкупно 19 фирми и луѓе, од кои дел се лекари и сопственици на дерматолошки ординации, се под истрага во акцијата на ОЈО ГОКК за разбивање на мрежа што правела незаконски естетски корекции, соопшти Обвинителството.

Во рамки на акцијата, претресени се повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. Приведени се 14 луѓе, меѓу кои и доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ „Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје“, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

„Постои основано сомневање дека осомничените се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Со пријавата се опфатени и шест правни лица. Во текот на 2026 година, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица“, велат од ОЈО ГОКК.

„Дел од осомничените, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност. Во рамки на истрагата, осомничен е и царински службеник кој, со цел стекнување противправна имотна корист, во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока во државата, без да биде извршена задолжителна царинска контрола. Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта“, пишува во соопштението.

Обвинителството бара притвор за 12 осомничени, додека за останатите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство.

„Слободен печат“ со детали за акцијата за нелегален ботокс и филери: Уапсени се повеќе од 10 луѓе, дел од нив доктори на Дерматологија и во ГОБ „8 Септември“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот