Фото: pexels-gustavo-fring

„Слободен печат“ со детали за акцијата за нелегален ботокс и филери: Уапсени се повеќе од 10 луѓе, дел од нив доктори на Дерматологија и во ГОБ „8 Септември“

Вечерва под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, полицијата спроведува акција за сузбивање на организирана криминална група вмешана во извршување на кривични дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост“ и „неовластена употреба на туѓа фирма“, како и „примање поткуп“ и „помагање“, дознава „Слободен печат“ од свои добро упатени извори.

Во рамките на акцијата врз основа на претходно обезбедени наредби од Основниот кривичен суд, се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, при што уапсени се повеќе од 10 луѓе, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации и организатори на транспорт и продажба на илегално внесени стоки со статус на медицински лек и медицинско помагало, без одобрение од надлежен орган, без упатство и без налепници.

При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и медицински помагала, едно луксузно возило, парични средства, парфеми, телефонски апарати и друго.

Неофицијално, медицинските средства што се внесени нелегално се ботокси и филери, со намера да се употребат за естетски интервенции, но нема информации дали истите биле употребени врз пациенти и дали предизвикале штета.

Во акцијата опфатени се и доктори од ГОБ „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот