Обдукцијата ќе покаже од што почина 34-годишната родилка на ГАК неколку часа по царскиот рез
Родилка родена во 1991 година во саботата починала на Клиниката за гинекологија и акушерство неколку часа по извршен царски рез, дознава „Слободен печат“ од свои извори. Според официјално соопштение од Клиниката која излезе со став да го објасни текот на хоспитализацијата, жената била примена на 27 февруари во 38 недела од бременоста. Според ГАК се работело за „34-годишна високо-ризична пациентка со петта бременост по ред“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Породувањето е завршено со царски рез поради претходно извршени три царски реза, по што во случајов бил извршен и четврти царски рез кај мајката.
На мајката претходно ѝ биле укажани и сите ризици од евентуално следна бременост, велат од ГАК.
Операцијата поминала со уреден оперативен тек, но откако жената била префрлена на интензивна нега, во еден момент се пожалила на силна градна болка по што веднаш бил повикан анестезиолог и почнала реанимација.
Веднаш била спроведена срцево белодробна и мозочна реанимација од целиот анестезиолошки тим е започната реанимација на пациентката, по што кај пациентката биле вратени сите витални параметри, велат од ГАК.
По реанимацијата жената била пренесена пак на интензивна нега и поставена на механичка вентилација и инвазивен и неинвазивен кардијален респираторен мониторинг. За време на престојот на Одделението за интензивна нега и реанимција биле повикани кардиолог и невролог.
Пациентката починала на 1 март, иако од ГАК велат дека ѝ било правено ЕКГ, ехо на срце, РТГ пулмо, на секои два часа биле испитувани потребните биохемиски комплет лабораториски испитувања, а редовно биле контролорани ацидбазен статус и факторите за коагулација на крвта во консултација со трансфузиолог.
Телото е предадено на обдукција. По пристигнувањето на патохистолошкиот наод, клиниката ќе се произнесе за официјалната причина за смртта на оваа родилка. Случајот денес е разгледан од страна на Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга на ГАК. Клиниката изразува сочувство до семејството и длабоко жалење поради загубата на еден млад живот, велат оттаму.


