Нутриционистка објасни зошто е добро да јадете свинска маст и сланина

Фото: Pexels/Polina Tankilevitch

Овошје, зеленчук, цели зрна, здрави растителни масла, семки, јаткасти плодови… сето тоа се намирници кои секогаш ги споменуваме во контекст на здравата исхрана и за нив сите веќе добро знаеме дека би било пожелно да ги вклучиме во нашата исхрана.

Но, што е со некои намирници кои традиционално ги користиме во нашата исхрана долги години, намирници на кои пораснале нашите родители и баби и дедовци, како што се свинската маст и сланината?

Дали и во колкава количина можат да најдат свое место во нашата исхрана?

Свинска маст

Свинската маст е една од оние контроверзни намирници за кои и денес се дебатира дали да се јаде или да се избегнува. Иако со години се сметаше за лоша намирница, свинската маст има бројни придобивки ако се користи правилно и умерено. Иако контекст на свинската маст секогаш се спомнуваат заситените масти и холестеролот, свинската маст има околу 40 отсто заситени масти, околу 50 отсто мононезаситени масти (најмногу олеинска и палмитолеинска) и околу 10 осто полинезаситени масти (линолна, линоленска, арахидонска и ДХА), пишува нутриционистката Андреа Биланџија за „Ординација.вечерњи.хр“.

Свинската маст е богата со витамините А, Д и Е, а освен тоа, како и сите други масла и масти, содржи и многу калории, поради што треба да бидеме претпазливи со количината што ја консумираме. Всушност, дневниот калориски внес од масти не треба да надминува максимални 30 отсто.

Освен тоа што маснотиите од мастите генерално помагаат и во апсорпцијата на витамините, свинската маст содржи холестерол, кој во организмот под влијание на УВ-зраците се претвора во витамин Д, значаен за апсорпцијата на калциумот.

Свинската маст е идеална за пржење и термичка обработка на храната бидејќи покажува најголема отпорност на високи температури. Односно, има висока точка на вриење, поради што е едно од најстабилните масла за термичка обработка на зголемени температури.

Сланина

Мастите во сланината се околу 50 отсто мононезаситени, а голем дел од нив е олеинска киселина, истата која се наоѓа и во маслиновото масло. Останатите масти во сланината се 40 отсто заситени и 10 отсто полинезаситени, со пристојна количина на холестерол. Холестеролот во исхраната бил проблем во минатото, но денес знаеме дека внесот на холестерол има помало влијание врз нивото на холестерол во крвта.

Иако сè уште се верува дека високиот внес на заситени масти може да зголеми одредени фактори на ризик за болести на срцето, студиите сè уште не успеале да докажат никаква конкретна врска помеѓу внесот на заситени масти и срцевите заболувања.

Месото воопшто е извор на бројни хранливи материи, вклучувајќи ја и сланината. Покрај протеините, во сланината можеме да најдеме витамини од Б комплексот, селен, фосфор, железо, цинк итн. Друга работа што мора да ја имаме на ум при консумирањето на сланина е фактот дека таа содржи многу сол, поради што луѓето кои страдаат од висок крвен притисок мора да внимаваат на внесувањето.

Кога купувате сланина, внимавајте на можното додавање на нитрати и нитрити кои доколку се подложат на високи температури се претвораат во канцерогениот нитрозамин. Затоа, најдобро би било сланината да јадете во природна форма, а да избегнувате пржење на високи температури.

На крајот, сланината е храна која не се јаде во големи количини. Иако содржи околу 400 калории на 100 грама и околу 40 отсто од нив се маснотии, сланината е многу квалитетна намирница која секако може да најде место во вашата чинија – клучот, секако, е во умереноста и правилното ракување со оваа намирница во кујната.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот