Новости на Твитер: Илон Маск ќе воведе месечна претплата од осум долари
Новиот сопственик на социјалната мрежа Твитер, Илон Маск најави дека планира да воведе месечна претплата од околу осум американски долари за корисниците кои ќе треба да ја потврдат автентичноста на својот профил и сакаат да бидат помалку изложени на реклами.
Препорачано
Tвитер воведе платени услуги минатата година, но Маск сака да воведе нова поскапа понуда, наменета за поголем број корисници, којашто ќе значи поразновидни извори на приходи на платформата.
Маск, кој го купи Твитер во четвртокот, најави дека ќе им наплаќа месечна претплата на оние кои сакаат сина ознака до нивното име како потврда дека профилот не е лажен. Само одредени профили засега можат да ја користат оваа опција, како што се оние на влади, компании, медиуми, политичари, спортисти итн.
Претплатниците ќе имаат и други придобивки – нивните објави ќе добијат приоритетен статус, ќе може да објавуваат подолги видеа и аудиоснимки и ќе бидат изложени на двојно помалку реклами.
Маск тврди дека заработката не му е најбитна, туку сака „да му помогне на човештвото“ по купувањето на Твитер.


