Коста Кецмановиќ

Ново судење за родителите на Коста Кецмановиќ

Во Вишиот суд во Белград, утре, на 29 јануари, треба да започне повтореното судење на Владимир и Милјана Кецмановиќ, родители на момчето Коста Кецмановиќ, кое на 3 мај 2023 година во Основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет деца и училишниот чувар, а рани уште пет деца и наставничка по историја, пренесува Телеграф, повикувајќи се на пишувањето на Танјуг.

Се очекува Милјана Кецмановиќ да дојде од слобода, додека нејзиниот сопруг ќе биде доведен од притворот во кој се наоѓа од апсењето на 3 мај 2023 година.

Првата првостепена постапка беше затворена за јавноста, но медиумите пренесоа дека Кецмановиќ ги негирале обвинувањата.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, во декември, кога беше закажан почетокот на судењето, за Танјуг изјави дека од повторената постапка очекува таа да биде максимално ефикасна и да се спроведе без одолговлекување.

„Исто така, Вишото јавно обвинителство во Белград очекува Вишиот суд повторно да донесе осудителна пресуда и обвинетите, во согласност со собраните докази и степенот на нивната вина, да ги осуди на максимални затворски казни, како што обвинителството предлага од самиот почеток на постапката и на што ќе инсистира до крај“, изјави тогаш Стефановиќ.

Судењето се повторува бидејќи Апелациониот суд во Белград ја укина првостепената пресуда со која Кецмановиќ беа осудени на повеќегодишни затворски казни и наложи повторување на судската постапка.

Владимир Кецмановиќ со првостепената пресуда за кривичните дела запоставување и злоставување на малолетно лице и тешко дело против општата сигурност беше осуден на затворска казна од 14 и пол години, додека неговата сопруга Милјана Кецмановиќ за кривичното дело запоставување и злоставување на малолетно лице беше осудена на затворска казна од три години.

Осудени родителите на момчето-убиец од „Рибникар“, таткото доби 14, а мајката 3 години затвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот