Ново истражување Пиењето кафе и чај со кофеин помага во намалување на ризикот од деменција
Секојдневното пиење неколку шолји кафе или чај со кофеин може да помогне во зачувувањето на функциите на мозокот и намалувањето на ризикот од деменција, соопштија вчера истражувачите.
Препорачано
Студијата, заснована на одговорите на 132.000 возрасни лица во Соединетите Американски Држави во текот на четири децении, покажала дека луѓето со највисок дневен внес на кафе со кофеин имале 18 отсто помал ризик од развој на деменција во споредба со оние со најмал внес, објави Ројтерс.
Исто така, овие лица имале помала стапка на самоперцепирани проблеми со меморијата или размислувањето, за речиси два отсто поени.
Слични резултати се забележани кај испитаници кои пиеле чај со кофеин, додека пијалаците без кофеин не го покажале истиот ефект.
Авторите на студијата, објавена во списанието „JAMA“, предупредуваат дека резултатите не докажуваат дека кофеинот директно го штити мозокот.
„Ефектот на кофеинот, ако постои, е мал, а постојат и други добро документирани начини за заштита на когнитивните функции во текот на стареењето, вклучувајќи физичка активност, здрава исхрана и доволно сон“, рекол д-р Даниел Ванг од Медицинското училиште на Харвард.
Најизразени ефекти биле забележани кај учесниците кои консумирале две до три шолји кафе со кофеин или една до две шолји чај со кофеин дневно.
Тие, исто така, постигнале подобри резултати на објективните тестови за когнитивните функции.
Истражувањето било финансирано од Националните институти за здравје на САД.
Д-р Ју Џанг од Училиштето за јавно здравје на Харвард додал дека слични резултати се забележани и кај луѓе со различни генетски предиспозиции за деменција, што укажува дека кафето или кофеинот можат да бидат подеднакво корисни за сите.


