Новиот кум бадникар е Антони Пешев, а здравичар ќе биде Климе Коробар

Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје, денеска на прес конференција ги соопшти новиот кум и здравичар за 2020 година.

Претседавачот со Собранието на Стопанската комора и претседател на бордот на Ултра доо/Унет доо Скопје, Антони Пешев е избран за кум бадникар за 2020 година, а здравичар за Бадник ќе биде архитектот и раководител на Одделот за документација, конзервација и изложбена дејност во Музејот на Македонија, Климе Коробар, кој се занимава со културните случувања и промоција на културата на Скопје. Тие денеска беа промовирани на прес-конференција на

– И годинава ќе направиме убав Бадник, најави членот на Одборот за традиционална прослава на Бадник, Мојсо Мојсовски.

На прес-конференцијата присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, кој им честиташе на кумот и здравичарот за нивниот избор. Потенцира дека традицијата трае повеќе од 20 години и додаде дека го радува што не само повозрасните, туку и се повеќе млади луѓе се вклучуваат во одбележувањето на Бадник.

На 22 декември напладне во месноста Краста на падините на Водно традиционално ќе се сечат бадникови гранчиња, кои на 6 јануари во 11 часот пред Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ кога ќе започне одбележувањето на Бадник, ќе им бидат поделени на граѓаните.

Здравичарот Коробар рече дека Здружението веќе 28 години ја негува традицијата, која, како што посочи, е столб на културниот идентитет на македонскиот народ.

– Нека Новата година и Бадник донесе Македонија да исплива од овие матни води, за да имаме среќни и насмеани граѓани, да се надминат разликите кои постојат и да има разбирање меѓу луѓето, додаде Коробар.

Кумот Пешев истакна дека 2020 година е престапна година, а тоа што го прави малку повеќе среќен од сите претходни и идни кумови на Бадник, е што ќе биде кум на Бадник еден ден повеќе од сите нив. Тој на 6 јануари по одбележувањето на празникот пред Соборниот храм со пајтон ќе замине со преодниот ќуп, откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, поздравен од своите сограѓани.

По завршувањето на прес-конференцијата, Миле Сирма, резбар потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци, подари дрворез за бадникарите, што го прими претседателот на Здружението, Георгиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот