Новиот државен обвинител почна со контроверзни одлуки – рано е да се суди, ама Савески им „пресуди“ на две обвинителки
Сега-засега нема цврсти докази што покажуваат дека Савески се става на страната на владејачката структура. Не би сакал да верувам во тоа. Јас бев еден од тие што гласно го поддржуваа, верувајќи во неговиот капацитет и интегритет, меѓутоа, времето ќе покаже. Ќе имаме можност до крајот на годинава да видиме и некои други негови чекори, конечно, и некакви резултати за да може да се оценува, вели по професорот по кривично право Гордан Калајџиев
Дали новиот републички обвинител Ненад Савески за кратко време откако е назначен на функцијата почна да ги исполнува задачите од листата што од собраниска говорница му ги испорача премиерот Христијан Мицкоски или е премногу рано да се оценува неговата работа и треба да му се даде време и шанса?
Препорачано
Оваа дилема се наметна откако обвинителот, веднаш по доаѓањето, во корист на владејачката партија ја реши „битката“ меѓу Ленче Ристоска и премиерот Христијан Мицкоски. Ристоска е обвинителката која уште од поранешното Специјално јавно обвинителство ги водеше предметите против ВМРО-ДПМНЕ, а потоа продолжи да ги води со овластување на тогашниот републички јавен обвинител.
Савески одлучи да ги повлече овластувања за обвинителите кои работат на предмети што не се во нивните матични обвинителства, а меѓу нив се и предметите што ги води обвинителката Ристоска – „Талир 1“ и „Талир 2“. Поради овие постапки е „замрзнато“ седиштето на ВМРО-ДПМНЕ како имот на владејачката партија, а предметите се однесуваат на незаконско финансирање на партијата во времето кога ја водеше поранешниот премиер и партиски лидер Никола Груевски.
Оваа одлука Савески ја соопшти само еден ден откако гласаше против иницијативата на Ристоска, која таа ја поднесе до Советот на јавни обвинители и побара нивна реакција откако премиерот Мицкоски индиректно ја нарече „медиокритет“ со „клиентелистичко-политичка матрица“, и тоа токму во период кога Ристоска води кривични постапки против партијата на чие чело е премиерот. Постапувајќи по оваа претставка, Советот на јавни обвинители, всушност, застана на иста линија со премиерот, а својата одлука ја правдаше со тоа што Мицкоски не го споменал конкретно името на Ристоска. Савески, пак, на тој состанок тврдеше дека секој обвинител треба сам да си го штити својот интегритет, иако во Советот овој институт беше воведен токму за да се заштитат обвинителите од влијанија.
Калајџиев: Нормално е да им се одземат некои предмети
Иако по одлуката за Ристоска опозициските партии го искажаа својот став – дека новиот државен обвинител Савески работи под диктат на премиерот, правните експерти, главно, се воздржани. Еден од ретките кој излезе со свој став во врска со овој скандал е професорот по кривично право на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ во рамките на УКИМ, д-р Гордан Калајџиев.
Тој во изјава за „Слободен печат“ вели дека рано е да се оценува работата на новиот републички обвинител и дека тој лично не сака да верува во квалификациите на опозициските партии. Од друга страна, Калајџиев смета дека засега нема цврсти докази дека Савески носи политички одлуки во полза на владејачката партија и додава дека, сепак, дел од реакциите не се сосема неосновани.
Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите
– Прво, генерално мислам дека е рано да го оценуваме обвинителот, бидејќи тој допрва се обидува да се организира. Навистина овие последни одлуки од овие неколку дена во јавноста се коментираат прилично негативно, во смисла дека се приклонил, односно се ставил на услуга на власта. Лично не би сакал да верувам во тоа, најискрено. Немам доволно информации за конкретните одлуки за да ги коментирам. Најмногу копја се кршат околу прикаската за Ленче Ристоска. Морам да кажам дека Ристоска не е ни венчана за тие предмети. Како тргна работата, таа требаше со нив да замине во пензија категоричен е д-р Калајџиев.

Тој мисли дека некои предмети што одредени обвинители ги завлекле од оправдани или неоправдани причини, дури е и нормално да им се одземат.
– Тоа се предмети од СЈО. Колку години поминаа оттогаш, уште колку години треба за да се решат тие предмети?! Така што, на тоа не би гледал еднострано, строго, во смисла дека сега за обвинителот ќе се кршат копјата поради Ристоска. Точно е дека имаше неколку совпаѓања за кои немам доволно информации. Звучеа малку чудно, или барем така се толкуваа во јавноста. Мислам дека не е добро јавноста и медиумите да го туркаат обвинителот под закрила на ВМРО-ДПМНЕ. Практично, и да немаат таква идеја, како да го ставаат во тој филм, независно од тоа дали тој сакал-нејќел. Дури не е ни корисно и се создаваат помалку и забуни. Мислам дека е прерано да се даваат претешки квалификации. Јавноста треба да се обиде да му даде можност да се организира и допрва да се докаже колку ефикасно ќе ја реорганизира работата на Обвинителството, да покаже резултати во борбата со криминалот и корупцијата – вели Калајџиев.
Професорот не сака да верува во „дил“
Но, освен одлуката за Ристоска која создаде сомнеж во јавноста, сомнителна за јавноста е и одлуката да не ѝ се продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Токму Алексова-Трајчева го водеше предметот за полицајците што трагичната вечер беа во кочанското кабаре, како и за нивните началници од Кочани и од Штип. Овој предмет сега го презеде обвинителката Спасена Андонова. Вака реши Советот на јавни обвинители, а „против“ нов мандат за Трајчева гласаше и Савески, со образложение дека треба да им се даде шанса и на други обвинители.
– Мене ми беше можеби најчудна одлуката со Трајчева. Мислам дека, генерално, нејзината одлука како да се насочи тоа обвинение со полицајците е исправна, иако таму имаше некои погрешни одлуки кои јас ги коментирав, генерално, со надлежноста на Обвинителството во однос на специјализираното одделение за полицајци во Обвинителството за гонење организиран криминал. Треба да се води сметка дека дел од тие одлуки за Трајчева и слично се всушност одлуки на Советот. Мислам дека Савески не е тој што тој ѝ го одземал случајот на Трајчева, туку Советот на јавни обвинители. Добро е што оди на Совет на јавни обвинители, добро е што дебатира и би било добро да се наметне – се надополнува професорот Калајџиев.
Дали некои од овие одлуки се дел од некаков „дил“ околу изборот на Савески, со цел да ѝ се угоди на власта, д-р Калајџиев не сака да верувам дека е така.
– Сега засега немаме некои поцврсти докази што покажуваат дека, ете, тој сега се става на страната на владејачката структура. Не би сакал да верувам во тоа. Јас бев еден од тие што гласно го поддржуваа, верувајќи во неговиот капацитет и интегритет, меѓутоа, времето ќе покаже. Ќе имаме прилика до крајот на годинава да видиме и некои други негови чекори, конечно, и некакви резултати евентуално за да може да се оценува. Вакви строги критики и тешки зборови кои му беа упатени на социјалните мрежи мислам дека се неоправдани. Но, не можам да кажам ниту и дека се сосема неосновани – вели д-р Калајџиев.
Апасиев: Вмроизација на Обвинителството
Лидерот на СДСМ Венко Филипче на прашањето за одлуката за Ристоска вели дека со тоа Савески потврдил дека е под директна контрола на премиерот
– Еве зошто не гласавме за Савески и не му дадовме поддршка. Затоа што работи под диктат на Никола Груевски. Има ли поголем доказ од ова, да се спасат предметите во кои за ВМРО-ДПМНЕ се водат судски процеси. Ова е само дел од востановената практика, кога се инсталираа и членови на Судски совет, судии, обвинители. И тогаш укажувавме дека се партизира судството – рече Филипче.
Лидерот на Левица, по одлуката за Ристоска, кажа дека Савески размислува со главата на Мицкоски и вели дека сè поизвесно е дека ќе застарат случаите „Талир 1″ и „Талир 2″.
– Новиот јавен обвинител Ненад Савески за 24 часа успеа да исполни сѐ што му порача Мицкоски од говорница, како да има иста глава со Мицкоски. Прво, ја елиминира Ивана Алексова-Трајчева, која е единствен квалитетен обвинител во ОЈО ГОКК и која ги поапси началниците, инспекторите и полицајците што беа одговорни ноќта кога се случи трагедијата во Кочани. Сите овие уапсени се вмровски кадри, кои два дена пред трагедијата во „Пулс“ славеле роденден на координаторот на ДПМНЕ во Штип – рече Апасиев.
Тој ги наброја сите одлуки на Савески од неговото доаѓање на функцијата и вели дека тој прави вмроизација на Обвинителството и ги враќа „во промет“ обвинителите од „тефтерчето“.
– Од назначувањето на Ненад Савески, Советот на јавни обвинители ја укина суспензијата на вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, обвинителот што се откажа од гонењето за Латас и го укина куќниот притвор на Бекир Незири, функционерот од ДУИ кој се тепаше во М-НАВ. Следно, Ненад Савески ја постави за заменик-обвинителката Анита Тополова-Исајловска, жена на поранешен вмровски заменик-министер, која бараше да падне предметот „Талир“. Следно, Савески за шеф на Вишото јавно обвинителство ја предложи Јасмина Костеска-Здравеска, обвинителка од тефтерчето на Горде и Мијалков, кои (во бомбите – н.з.) ги слушавме како го местат нејзиниот избор – вели Апасиев.
Савески беше изгласан за републички јавен обвинител во Собранието, на предлог на Владата, на 18 март. Приложи богата биографија, но поддршка доби само од владејачката коалиција. На брифинг со новинарите Савески беше категоричен дека во никој случај не носи политички одлуки и Обвинителството ќе постапува само по предмети во кои има докази, а не по прозивки на партиите.


