Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нови блокади во центарот на Скопје – ССМ на протест пред Владата

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и денеска повторно на протест во центарот на Скопје. Овојпат ќе ја блокираат Владата, како продолжение на протестите на кои бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за 100 евра.

На претходните протести ССМ ги блокираше Собранието и Стопанската комора.

Денешната блокада, која е најавена во 11 часот, е поради како што велат, тоа што Владата и работодавачите не се договориле за зголемување на платите на работниците и затоа што минатата година Владата не го прифатила предлогот за субвенционирање на дел од придонесите.

Оттаму порачаа дека ќе бидат блокирани влезовите на Владата со 21 човек – колку што налага Законот за јавни собири. Како што велат, очекуваат дека ќе наидат на разбирање и дека Владата има можност на седницата да донесе одлука за зголемување на платите на работниците.

– Последната блокада пред Владата е токму поради тоа што ги блокира работничките плати долг временски период за кој вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари или едно четиричлено семејство е посиромашно за 9.250 денари. Падна и последниот аргумент на владините претставници кои заедно со газдите го зборуваат континуирано овој период, а тоа е дека македонските работници не биле продуктивни. Македонските работници се премногу продуктивни за платите кои ги примаат или само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците или како пример 24.379 денари изнесува минималната плата месечно за еден работник, а 290.000 денари е продуктивноста која ја создава работникот за работодавачот, изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Трендафилов очекува дека по денешнава блокада ќе наидат на разбирање од властите, а доколку тоа не се случи, тогаш синдикатот преминува кон организирање на уште еден голем протест и генерален штрајк кој според сегашните размислувања би бил 24-часовен.

– Пред одлука сме на донесување генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Секој еден работник сам бира дали ќе протестира и штрајкува. Сметаме дека сите треба да застанеме рамо до рамо бидејќи видовме дека на маса не нè слушаат, а од улица нè слушаат – рече Трендафилов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот