Фото: EPA/BOGLARKA BODNAR HUNGARY OUT

Новата власт во Унгарија не попушта – нема отпремнини за луѓето на Орбан

Новиот унгарски премиер Петер Маѓар одби да ја потпише документацијата за исплата на со закон предвидените отпремнини за министрите од поранешната влада на Виктор Орбан, предизвикувајќи политички спор кој кулминираше со неочекувани хуманитарни гестови од двете страни, пренесе Дневник.

Маѓар објави дека вкупниот фонд за отпремнини од речиси милијарда форинти (околу 2,6 милиони евра) наместо на поранешните функционери, ќе биде пренасочен во хуманитарни цели. Во објава на Фејсбук, новата власт директно го прозва Орбан дека според имотниот лист нема речиси ништо на свое име, но имал право на 38 милиони форинти отпремнина според закон што сам го донел, порачувајќи му дека „нема да ги добие“.

Критичарите со години го прозиваат Орбан за неговите скромни имотни анкети, додека во исто време неговиот пријател од детството, Лоринц Месарош, стана најбогатиот човек во Унгарија со имот проценет на 3,1 милијарда евра, главно благодарение на државни договори. Овој систем на трансфер на јавните пари во приватни џебови на елитата поврзана со европските субвенции, аналитичарите го опишуваат како „неофеудален клиентелизам“.

Како одговор на притисокот од Маѓар, шефот на пратеничката група на Фидес, Гергељ Гуљаш, објави дека поранешните членови на владата решиле да ги донираат своите отпремнини за Детскиот дом „Добриот Самарјанјан“ во селото Велики Доброн во Закарпатската област во Украина, каде живее бројно унгарско малцинство. Набрзо и самиот поранешен премиер Орбан потврди дека својата отпремнина од 38,8 милиони форинти ја префрла на истото сиропиталиште, со што ја неутрализираше заканата од Маѓар за блокирање на средствата.

Овој спор се одвива во услови кога новата влада на Маѓар забрзано го менува надворешнополитичкиот курс. Новиот премиер веќе го повика рускиот амбасадор на разговор поради нападите со дронови во близина на унгарската граница, што е остар пресврт од пријателските врски на Орбан со Москва. Истовремено, новата министерка за надворешни работи најави дека Унгарија нема да испорачува оружје за Украина, но Маѓар веќе планира средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во јуни за да се решат прашањата за правата на унгарското малцинство во Закарпатје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот