Фото: xavierlorenzo / Alamy / Profimedia

Нова студија: Вегетаријанците имаат помал ризик од пет вида рак, но двојно поголем од еден

Истражувањето, засновано на податоци од повеќе од 1,8 милиони луѓе кои биле следени во текот на повеќе години, утврдило дека вегетаријанците имале 21 отсто помал ризик од рак на панкреас, 12 отсто помал ризик од рак на простата и девет о0тсто помал ризик од рак на дојка во споредба со оние кои јадат месо. Вегетаријанците исто така имале 28 отсто помал ризик од рак на бубрегот и 31 осто помал ризик од мултипен миелом, се наведува во студијата објавена во „Британскиот журнал за рак“.

 – Оваа студија е навистина добра вест за оние што се хранат вегетаријански, бидејќи имаат помал ризик од пет вида рак, од кои некои се многу распространети кај популацијата – изјавила за „Гардијан“ д-р Аурора Перез-Корнаго, водечка истражувачка на студијата спроведена на Универзитетот во Оксфорд.

Иако вегетаријанската исхрана генерално се покажала како заштитен фактор, научниците исто така откриле и дека луѓето што не јадат месо имаат речиси двојно поголем ризик од најчестиот вид рак на хранопроводот, познат како сквамозен карцином, во споредба со оние што јадат месо. Истражувачкиот тим сугерира дека ова може да биде поврзано со недостигот на клучните хранливи материи, како што се витамините Б.

Веганите имале 40 отсто поголем ризик од рак на дебелото црево во споредба со оние што јадат месо. Ова може да е последица на нискиот просечен внес на калциум (590 мг дневно, во споредба со препораката на Велика Британија од 700 мг дневно), како и на помалиот внес на други хранливи материи.

Истражувачите истакнуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди дали проблемот е во консумирањето месо е проблемот или во тоа дека одредени компоненти на вегетаријанската исхрана го намалуваат ризикот од рак, а одговорот може да варира во зависност од видот на ракот.

– Мојот впечаток е дека разликата е поверојатно поврзана со самото месо, но тоа е мислење што директно не сме го испитале – рекол д-р Тим ​​Ки, професор по епидемиологија на Универзитетот во Оксфорд и коавтор на студијата.

Иако врската помеѓу консумирањето црвено и преработено месо и ризикот од рак на дебелото црево е веќе позната, досега не беше можно со сигурност да се процени врската помеѓу исхраната и поретките видови рак поради малиот број вегетаријанци и вегани вклучени во претходните истражувања.

За да го надминат ова, авторите ги користеле податоците од разни светски студии за исхраната и здравјето. На тој, тие ги анализирале податоците од околу 1,64 милиони луѓе кои јадат месо, 57.016 луѓе кои јадат живина, но не и црвено месо, 42.910 луѓе кои јадат риба, но не и месо (пескатаријанци), 63.147 вегетаријанци и 8.849 вегани, кои беа следени во просек 16 години. Факторите што можат да влијаат на ризикот од рак, како што се индексот на телесна маса и пушењето, исто така беа земени предвид.

Студијата, финансирана од Светскиот фонд за истражување на ракот, опфатила 17 различни видови малигни болести, вклучувајќи го ракот на гастроинтестиналниот тракт, белите дробови, репродуктивниот и уринарниот систем, како и малигните заболувања на крвта.

Не се пронајдени докази дека вегетаријанците имаат помал ризик од рак на дебелото црево во споредба со оние што јадат месо. Ова веројатно е последица на релативно нискиот внес на црвено и преработено месо кај испитаниците во оваа студија во споредба со поновите кохорти, а Ки рекол дека резултатите „не се во спротивност“ со претходните наоди што ја истакнуваат поврзаноста на црвеното и преработеното месо со ракот на дебелото црево.

– Можно е резултатите да беа различни ако имавме повеќе луѓе со многу висок внес на месо во групата што јаде месо – додал истражувачот.

Пескатаријанците имале помал ризик од рак на дојка и на бубрези, како и помал ризик од рак на на дебело црево. Луѓето што јадат само живина имале помал ризик од рак на простата.

Испитаниците биле следени во просек 16 години, што овозможило ефикасно следење на исходите од рак, но исто така значело дека начините на исхрана се промениле од 1990-тите и 2000-тите, кога многу од учесниците првично биле запишани во студиите. На пример, ултрапреработената храна денес се консумира почесто, а веганските производи како што е овесното млеко сега често се збогатуваат со калциум и други хранливи материи.

Професорот Џулс Грифин, директор на институтот „Роует“ на Универзитетот во Абердин, кој не учествувал во истражувањето, ја оценил работата како импресивна.

– Она што недостасува во оваа студија е споредувањето со групата што се храни во склад со упатствата на британската Национална здравствена служба, каде што месото и рибата се консумираат умерено, но истовремено обезбедуваат важни хранливи материи – ова може да биде оптималната исхрана за намалување на ризикот од рак поврзан со исхраната кај популацијата – рекол Грифин.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот