Нова студија: Рани знаци на срцеви болести може да се забележат кај пациенти со псоријаза

Фото: Профимедиа

Псоријазата е автоимуна болест на кожата за која е познато дека е поврзана со проблеми со срцето.

Новата студија укажува на тоа дека раните знаци на предупредување на срцева дисфункција се очигледни кај многу пациенти на кои никогаш не им било кажано дека имаат срцеви заболувања, пренесува Ројтерс.

Кога истражувачите направиле ултразвучни прегледи на 448 пациенти со псоријаза, на кои не им била дијагностицирана срцева болест, тие откриле дека речиси една третина – 31,5 отсто – имале коронарна микроваскуларна дисфункција, состојба во која малите крвни садови во срцето не функционираат како што треба.

Резултат е несоодветната резерва на коронарниот проток, мерка за тоа колку добро тече крвта низ коронарните артерии што може да се зголеми кога е тоа потребно по напор.

Оштетувањата во резервите на коронарниот проток се поврзани со срцеви удари и срцева слабост, објавија истражувачите во „Журнал за истражувачка дерматологија“ (Journal of Investigative Dermatology).

Потешката форма на псоријаза и подолгото траење на болеста се поврзани со зголемена веројатност за коронарна микроваскуларна дисфункција, откриле тие.

Многу е веројатно дека воспалението поврзано со псоријаза предизвикува суптилно оштетување на срцето, заклучиле истражувачите.

Раното и ефикасно лекување на псоријазата може да ја обнови правилната васкуларна функција и да го намали ризикот од иден инфаркт на миокардот и поврзаната со неа срцева слабост, рекол во соопштението водачот на студијата д-р Стефано Пјазерико од Универзитетот во Падова во Италија, додавајќи дека е потребно да се направат повеќе студии за попрецизно да се знае за овој проблем.

Во меѓувреме, д-р Пјазерико рекол дека микроваскуларната дисфункција треба да се дијагностицира и активно да се бара кај пациенти со псоријаза, бидејќи оваа популација е особено изложена на висок ризик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот