Нов пресврт во случајот „’Рѓа“ – Алек Болдвин повторно на суд за смртта на снимателката
Судот во Лос Анџелес донесе одлука тужбата против Алек Болдвин, поврзана со трагедијата на сетот на филмот „’Рѓа“, да продолжи да се разгледува пред судот. Речиси три години по смртта на снимателката Халина Хачинс, познатиот актер повторно ќе мора да се соочи со правдата.
Препорачано
Иако кривичната пријава за убиство од небрежност беше отфрлена во јули 2024 година, судијата на Вишиот суд во Лос Анџелес заклучи дека граѓанската тужба поднесена од член на екипата има доволно основи за да продолжи.
„Можел да изгуби живот за неколку сантиметри“
Тужбата ја поднесе Серж Светној, член на екипата за осветлување, кој бил на само неколку метри од Болдвин во моментот на кобниот истрел. Тој тврди дека куршумот поминал толку блиску до него, што доколку бил само неколку сантиметри поблиску, и тој би го изгубил животот.
Во тужбата се наведува дека немало никаква причина вистински куршум да се најде во револверот, ниту пак на самиот сет. Светној бил оној кој поминал 30 минути обидувајќи се да ѝ помогне на погодената Хачина пред да пристигне итната помош.

Сцената воопшто не предвидувала пукање
Според судските списи, сцената која се вежбала тој ден воопшто не барала употреба на огнено оружје, а камоли пукање.
„Сцената не предвидуваше Болдвин да пука од револверот, кој воопшто не смееше да содржи вистинска муниција“, стои во документите.
Иако Болдвин постојано тврди дека не го повлекол чкрапалото, судијата образложи дека поротата би можела да заклучи дека актерот „непромислено занемарил дека насочувањето на пиштол кон личност со прст на чкрапалото може да предизвика фатални последици“.


