Нов мерен систем и дата центар со 12 мониторинг станици за мерење радиоактивност во воздухот

Загадување во Скопје / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Одделението за радијациона заштита при Институтот за jавно здравје е во завршна фаза на имплементирање, тестирање и пуштање во употреба на новиот мерен систем за детекција на радиоактивност во воздухот и рано предупредување при нуклеарен или радиолошки настан од локален или глобален карактер.

Како што информираат денеска од Институтот, овој систем, се состои од 12 мерни станици и инструменти, овозможува мониторирање, мерење и брза детекција на радиоктивноста во воздухот.

– Нашите нови мерни станици за рано известување се инсталирани во Центрите за јавно здравје низ нашата земја и истите се дел од европската мрежа и платформа за размена на радиолошки податоци EURDEP. Резултатите од мерењата за радиоактивноста се видливи и достапни за сите членови на оваа платформа, како и за нашето население. Европската база на податоци се состои од механизам за континуирана размена на податоци во реално време, со веб приказ на податоците од радиолошкиот мониторинг на 39-те земји учеснички, појаснуваат од Институтот.

Потсетуваат дека Одделението за радијациона заштита при ИЈЗ уште во 2013 година потпиша договор со EURDEP и со Европската комисија, а оваа година се обновија протоколите за испраќањето мерните податоци до Европската платформа за размена на радиолошки податоци (EURDEP).

– На веб-страницата на ИЈЗ достапна е информативната страна EWRMNS-MK од овој национален мониторинг систем каде се прикажуваат податоците од мерењата за 12-те градови во Република Северна Македонија. Очекуваме дека новиот мерен систем ќе биде стабилен и безбеден. Тоа значи дека истиот ќе придонесе за брза реакција при вонредни нуклеарни и радиолошки настани, согласно директивите на МААЕ, Дирекцијата за радијациона сигурност на РСМ и протоколите за заштита од јонизирачко зрачење и радиоактивност регулирани во нашата земја, нагласуваат од Институтот.

Мониторингот и детекцијата се прва, најбрза информација, како што истакнуваат од Институтот, за тоа дали има промени во радиоактивноста во животната средина, со што се овозможува итно преземање потребни мерки за спречување прекумерното озрачување на населението, во случај на нуклеарна несреќа од глобален или локален карактер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот