Нов „леден свет“: Откриена планета погодна за живот на 146 светлосни години од Земјата
Астрономите открија нова планета со големина на Земјата, оддалечена околу 146 светлосни години, за која научниците проценуваат дека има околу 50 проценти шанси да се наоѓа во зоната погодна за живот во орбитата на својата ѕвезда.
Препорачано
Планетата, наречена „HD 137010b“, орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето и се проценува дека е околу шест проценти поголема од Земјата, пренесува „Гардијан“.
Планетата има орбита од приближно 355 дена, слична на Земјината, но нејзината ѕвезда е постудена и потемна од Сонцето, поради што температурата на површината на планетата може да биде под минус 70 степени Целзиусови.
Меѓународен тим научници од Австралија, Велика Британија, САД и Данска ја идентификуваа планетата, користејќи податоци од 2017 година собрани за време на продолжената мисија на вселенскиот телескоп „Кеплер“ (K2) на НАСА, а нивното откритие беше објавено во списанието „Астрофизикал џурнал летерс“.
Сигналот е снимен кога планетата накратко поминала пред својата ѕвезда, а првично бил забележан од граѓани-истражувачи во рамките на проектот „Ловци на планети“.
Научниците истакнуваат дека ги провериле податоците повеќе пати и дека откривањето одговара на типичен транзит на планетата.
Астрофизичарите кои не биле вклучени во истражувањето велат дека откритието е значајно, но предупредуваат дека се потребни повеќе набљудувања на транзитот за потврда.
Исто така, се наведува дека планетата, иако слична по големина на Земјата, би можела да биде и голем „леден свет“ со голем дел вода во замрзната состојба.


