НОЌНИОТ ЖИВОТ ПОД КЛУЧ: Летните дискотеки не работат иако газдите платиле скапи лиценци

Ноќен клуб дискотека
Ноќен клуб / Фото: EPA-EFE/VALENTIN FLAURAUD

За првпат по 30 години, во Градскиот парк немаме ноќен живот и не е понудена никаква замена. Цела година плаќаме закуп на простор, а функционираме неколку месеци, велат од Независната угостителска комора

Летните дискотеки во Скопје ова лето не проработеа, а за тоа веќе на големо се зборува во јавноста. Од Независната угостителска комора (НУК) тврдат дека менаџерите на овие објекти ги доставиле сите потребни документи, како што им се барало и во изминатите 30 години, ги уплатиле парите за лиценците – износи од 2.500 евра до 8.000 евра, но иако поминала половина летна сезона, се` уште не добиле лиценца за работа.

Она што дополнително се побарало годинава, и каде работата закочила, се имотните листови, објаснува Здравко Јосифовски, претседател на НУК. Тој вели дека МВР треба да даде и согласност дека се обезбедени безбедносните услови за одвивање на сообраќајот, но и во овој домен закупувачите не може да направат ништо, односно Градот треба да ја спроведе процедурата.

-Друштвата закупуваат деловен простор од Градот Скопје. Градот Скопје има обврска да си обезбеди имотен лист. Друштвата не се сопственици на тој имот, тие користат времени објекти за да може да ја извршуваат дејноста согласно договорот – рече Јосифовски.

Во однос на поранешните забелешките од околните станари за гласна музика од Градскиот парк, Јосифовски вели дека „ако сакаме да бидеме метропола мора да се носиме со сите предизвици што ги носи метрополата“.

– Ако имало поплаки за гласна музика, Градот сигурно немал да дава дозволи за вакви ноќни клубови, односно ќе вршел релокација и би се дал некаков рок и локација каде би го развивале ноќниот живот. Во сите големи метрополи, центарот не е за живеење, тој е деловен центар и центар за културни манифестации и забавни збиднувања – вели Јосифовски.

Вообичаено е летните дискотеки да работат сезонски. Зимските локали кои работат во соодветни објекти немаат проблеми со лиценците.

– За првпат по 30 години, во Градскиот парк немаме ноќен живот и не е понудена никаква замена. Цела година плаќаме закуп на простор, а функционираме неколку месеци – потсетува Јосифовски.

Лиценци за ноќните локали ги издава Министерството за економија и тоа е должно во рок од 15 дена да одговори на барањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот