Никола Тодоров: Уставни измени ќе има, прашање е дали пред или по избори

Македонија ќе мора да ги вметне Бугарите во Уставот, прашањето е дали тоа ќе се случи пред или после избори. Во следните неколку месеци ќе се кристализира дали Мицкоски ќе прерасне во лидер кој ќе ја води нацијата или пак ќе мора да замине со бремето на човек кој ја оставил ВМРО-ДПМНЕ најдолго време во опозиција, вели Тодоров.
Никола Тодоров, поранешниот висок фукнкционер во ВМРО-ДПМНЕ и министер во владата на Никола Груевски, сега азилант во Унгарија, нема речиси никакви дилеми дека Македонија ќе продолжи на „патот кон Запад, што одамна го имаме одбрано“, а дека сѐ останато е резултат на некој „инает предизвикан од моментното незадоволство од политичките елити“.
– Каква разврска гледате околу уставните измени, ќе има или ќе нема?
Најновата македонска политичка дилема е – ЕУ или власт! Сметам дека повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, да не се изгласаат уставните измени сака само СДСМ од причина што сметаат дека така СДСМ ќе ја има поддршката од меѓународната заедница, а ВМРО ќе ја нема таа подршка и сѐ повеќе ќе биде изолирана во меѓународните односи.
Од друга страна, на секого во Македонија му е јасно дека уставни измени мора да има, ако сакаме да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ, односно да ги отвориме првите поглавја во преговорите. На добрите познавачи на меѓународната политика пак им е јасно дека во овој момент, речиси е невозможно кој било да влијае врз Бугарија да се откаже од барањето за промена на Уставот, имајќи го предвид исклучително големото стратешко значење на Бугарија во светло на конфликтот во Украина. Затоа невозможно е да издејствуваме поповолна позиција за Македонија од таа што ја имаме.
Ако е ова така, тогаш јасно е дека порано или подоцна Македонија ќе мора да го направи овој чекор и да ги вметне Бугарите во Уставот, што значи ова ќе се случи. Прашањето е дали тоа ќе биде пред или после избори и кога изборите ќе се случат. На ВМРО-ДПМНЕ му одговара ова да биде после избори, а на СДСМ не му одговара да има избори оваа година, па доколку СДСМ опстои на ставот изборите да бидат во јуни 2024 година, тогаш тешко дека уставните измени ќе се случат во предвидениот рок, до крајот на оваа календарска година. Сепак мислам дека со малку мудрост и политичко искуство може да се најде елегантно решение кое нема да ги загрози нашите ЕУ амбиции, ниту пак ќе има некаков негативен ефект за ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Ова е моментумот на прекршување и од ова ќе зависи дали Македонија ќе добие стабилна влада предводена од ВМРО или ќе влезе во некое „бугарско сценарио“ да функционира без политичка, туку со изборна влада подолг временски период. Ситуацијата налага влечење на прецизни и добро одмерени визионерски потези, затоа што како што неодамна напишав, ВМРО-ДПМНЕ не може да си дозволи да остане уште четири години во опозиција, а Македонија не може да издржи уште 4 години под оваа власт. Ако мене ме прашувате, јас со сето срце сакам ВМРО да победи и да формира влада, но, во следните неколку месеци ќе се кристализира дали Мицкоски ќе прерасне во лидер кој ќе ја води нацијата или пак ќе мора да замине со бремето на човек кој ја оставил ВМРО најдолго време во опозиција.
– Бевте министер и висок партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски. Сега не сте дел од ова раководство. Зошто?
Така одлучив. Сметав и сметам дека никој не треба да биде на висока политичка функција повеќе од 8 последователни години. Останувањето долго во позиција на моќ го менува човека, му го изместува светогледот и му креира чувство на безгрешност и семоќност. Од друга страна вака одлучив затоа што одбив да станам професионален политичар, човек без друга, без своја основна професија. Затоа одлучив да се посветам на адвокатурата како моја основна професија, а за политиката, има време.
– Сепак тоа е сѐ уште ваша партија ако не грешам. Но има ли разлика од она, вашето ВМРО и ова сегашново? (Идеолошки, организациски, од лидерски аспект…)
Да, ВМРО-ДПМНЕ била и секогаш ќе биде моја единствена партија. Ниту сум бил во друга партија, ниту пак сакам да бидам. Таму политички сум пораснал и таму сакам да си останам. Нормално, секогаш кога ќе сметам дека нешто не оди како што треба, дека партијата се изместува од идеолошките принципи на организацијата, ќе реагирам, некогаш тивко и внатре, а некогаш гласно и јавно, па и по цена да бидам критикуван од раководството или дури и од членството. Јас секогаш критиката ја давам со цел да помогнам на партијата, а не да одмогнам, па затоа бидејќи мотивите ми се чесни и искрени, не ме засегаат критиките и омаловажувањата што неретко ги истураат против мене. Не сакам да се креираат вештачки поделби на старо и ново ВМРО, мое и нивно ВМРО. Нормално е секое раководство да си има свој стил и начин на управување, односно раководење со партијата. Но, она по што во политиката наједноставно се евалуира успехот на еден лидер, односно партија, е тоа колку време партијата која ја води поминала во опозиција, а колку на власт, бидејќи поентата на постоење на партијата е да се бори да дојде на власт и на тој начин да ја имплементира својата програма и да ја наметне својата идеологија односно визија за општеството/државата. За жал, ВМРО-ДПМНЕ долго време е во опозиција и ако се опстои на тоа да нема уставни измени и избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во опозиција до втората половина на 2024 година, односно најдолго од нејзиното основање до денес.

– Многу сте активен со колумните што ги пишувате и во кои се насетува извесна разлика во сфаќањето на патриотизмот, како и понагласен државен интерес од раководството на партијата. Дали е тоа така или се лажам?
Јас се залагам за т.н. умерен патриотизам или либерален конзерватизам. За појаснување, либералниот конзерватизам е конзервативна идеологија со либерални позиции во поглед на економските, социјалните и етичките прашања. За жал, не можам да кажам дека на нашата политичка сцена често се застапени овие позиции, односно сѐ поретко гледам вакви ставови или политичари и политики од оваа пролиферација. Сѐ почесто гледам екстремно десни и националистички ставови и политики, а во последно време гледам и некои екстремно лево ориентирани националисти. Како се приближуваат изборите очекувам оваа националистичка реторика сѐ повеќе да зајакнува и да се засилува, за сметка на умерениот патриотизам кој сѐ повеќе ќе се третира како предавство, а неговите приврзаници како непатриоти. Ова е затоа што во време на кулминација на општествената апатија најлесно е да си националист. Кога на ова ќе се додаде и голиот популизам кој станува сѐ поприсутен кај сите партии, а особено кај некои од помалите партии, тогаш државниот интерес често е супституиран од партискиот и личниот интерес, а таа супституција речиси без исклучок е направена под превезот на волјата на мнозинството.
– Македонија се чини како никогаш досега се наоѓа накрстосница по кој пат ќе тргне, на исток или ќе продолжи кон запад. Како вие гледате на тоа?
Не мислам дека сме на крстосница. Мислам дека ние одамна го имаме одбрано нашиот пат кон запад. Ние припаѓаме на Западот и западните демократски вредности, а сѐ останато мислам дека е маргинално или е резултат на некој македонски инает предизвикан од моментално незадоволство од политичките елити. Прилично сум сигурен дека голем дел од поддржувачите на овие претежно леви партии кои како да инклинираат кон Москва, не сакаат да ја смениме ориентацијата од Запад кон Исток, туку само од инает, како резултат на разочараност од состојбите во општеството, ја даваат својата поддршка на овие мали партии за кои се свесни дека не можат да победат. Сепак, ова не е безопасно, затоа што прво разочараноста, би рекол резигнираноста е огромна, а второ силното зајакнување на овие партии секако дека ќе има своја импликација во нашата домашна и меѓународна политика, но и позиција.
– Влогот на партиите е „до даска” па од тоа дали ќе има уставни измени или не зависи и нивната „судбина”. Како ќе заврши оваа партиска битка?
Погрешно мислат. Егзистенцијата на ниту една партија не зависи од уставните измени и изборите, туку од тоа може да зависи само позицијата на лидерот на партијата, кој секако е времен и променлив. Ова особено важи за големите партии, каде се покажало дека се може и без Бранко и без Љубчо, за кои членовите сметале дека се незаменливи икони. Така и сега, лидерот кој ќе загуби или кој нема да направи влада ќе си замине, на негово место ќе дојде некој нов и ниту една партија нема да ја снема поради тоа. Она од што стравувам е оваа партиска битка да не заврши со пораз на државата и на нашите европски амбиции.
– Непишано правило кај нас е дека рејтингот на една партија зависи и од рејтингот на лидерот. Но последните анкети покажуваат извесна диспропорција, кај двете партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сѐ уште со солиден рејтинг се минатите лидери. Кај ВМРО-ДПМНЕ дури поранешниот лидер Груевски имаше повисок рејтинг од сегашниот Мицкоски! На што се должи овој феномен?
За жал ова се должи на недостатокот на лидерство и лидерски потенцијал. Како резултат на ова граѓаните не можат да го препознаат својот национален или идеолошки лидер меѓу актуелните претседатели на политички партии, па затоа и постои поделеност и за прв пат лидерите на двете најголеми политички партии имаат послаб рејтинг од партијата која ја водат. Причината за тоа е што првите луѓе на партиите повеќе се фронтмени отколку лидери, бидејќи ги креираат своите политики, но и го прилагодуваат партискиот наратив врз база на анкетите. Од друга страна, лидер е оној кој умее да ги поведе граѓаните во правец на реализација на неговата визија за државата и да ги убеди дека таа негова визија е добра за државата и нејзините граѓани. Но, лидер е и оној кој умее да донесе одлука со која мнозинството не се согласува, искрено, пасионирано и јавно да ја брани таа своја одлука и да се обиде да го убеди мнозинството во нејзината исправност. И конечно лидер е оној кому не му е важно дали ќе загуби или добие, доколку тоа што го прави е полезно за државата. Тој што вака ќе се постави, ќе ја убие апатијата и ќе биде следниот македонски лидер.
– Може ли да се каже дека Груевски сѐ уште има влијание не само меѓу вмровските поддржувачи, туку и кај дел од пратениците или меѓу раководството?
Нормално е да има, затоа што долго време успешно ја водеше партијата и државата, па членовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и десно ориентираните гласачи сѐ повеќе со некаква носталгија гледаат на тоа време и го споредуваат тоа време со ова што го живеат денес. Знаете, гласачот секогаш споредува, како се живееше тогаш, како се живее сега, како функционираше државата тогаш, како функционира сега и врз основа на оваа индивидуализирана споредба, секој човек си носи свој суд за тоа кого требе да подржи и во кој политичар има најголема доверба.

– Измените на Кривичниот закон наидоа на различни коментари во јавноста, како Вие како правник ги оценувате?
Се крена голема врева околу овие измени и таа врева ја уништи можноста од рационална и стручна дебата. Видов голем број експертски анализи, некои позитивни, некои негативни, но судот на јавноста како да не сакаше да ги слушне овие експертски дебати. Мислам дека беше голема грешка на тогашниот министер за правда кој го воведе така широко поставениот став 5 на кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, кој во основа повеќе оставаше простор за политички прогон на неистомисленици, отколку за реална борба против криминалот и корупцијата. Јас познавам некои поранешни истакнати функционери на СДСМ кои ништо не потпишаа додека беа министри, и не ја спроведуваа нивната програма, бидејќи се плашеа од можноста од политички прогон базиран токму на овој фамозен став 5 од членот 353 од КЗ. Од она што следев, критиките за овие измени на КЗ главно беа насочени кон тоа дека станува збор за некаква потајна амнестија. Факт е дека овие измени ќе имаат влијание во определен број на тековни и идни случаи, но факт е и дека не се однесуваат на сите тековни, ниту на сите идни случаи. Но, јас би погледнал малку и од друг агол, и од една друга перспектива, па би запрашал зошто овие постапки се водеа 7 или 8 години без завршница? Дали причината беше тоа што во некои случаи немаше доволно докази кои одеа во прилог на обвиненијата, или пак намерно се тактизираше со овие случаи за да се печалат некакви политички поени од секојдневното судење на видни членови на ВМРО-ДПМНЕ и да се држи жива политичката порака односно кампања: „Сакате овие да се вратат?“. Како адвокат, сметам дека не треба да постојат кривични дела кои се дефинирани така да оставаат широк простор за политичка злоупотреба, односно политички прогон на неистомисленици, но и дека не треба да се озакони принципот на неказнивост, особено во случај кога постојат докази дека некое службено лице нелегално се збогатило како резултат на функцијата која ја извршувало, но и дека не треба да се дозволи да се блокира државата и нејзиното нормално функционирање заради страв од прогон поради грешка на комисијата која спровела некоја набавката.
Инаку, судот народот го донесе и под импресија дека доколку некој функционер намести тендер, земе мито или несразмерно го зголеми својот имот, нема да одговара. Ова не е точно затоа што во Кривичниот законик постојат кривичните дела кои прецизно ги инкриминираат овие незаконски дејанија. Кај сите овие кривични дела, за службените лица, релативниот рок на застареност е и до 20 години, а апсолутниот двојно повеќе, што ќе рече како да не застаруваат. Од друга страна, проширената конфискација која се воведе со овие измени, преставува добра основа да се конфискува украденото, дури и во случај кога постојат правни или фактички пречки за водење на кривичната постапка, што за мене е далеку поважно, односно јас сметам дека и за граѓаните и за државата поважно е да се конфискува украденото, отколку некој да лежи во затвор, а украдените пари во голема мера да успее да си ги задржи.
– Некои неформални групи одат дотаму во анализите што сметаат дека зад нив се крие обид на власта за „помош” од Груевски во изгласување на уставните измени. Можно ли е тоа?
Немам такви информации и мислам дека ова е повеќе во доменот на шпекулација.
– Оваа влада и покрај тоа што направи, или како што таа вели, дека направи голем исчекор на економски план за време на здравствената и енергетската криза се чини дека не успева да постигне позитивен ефект кај граѓаните. Зошто?
Затоа што не работат доволно и затоа што повеќе се занимаваат со политика отколку со економија. А од политика, ниту државата ниту граѓаните не можат да живеат. Така беше и кога го решаваа проблемот со името, а сега е уште полошо. Како сите министри да се надлежни за надворешни работи. Што имаат врска уставните измени со проблемот со загадувањето, нефункционалната јавна администрација, ниските плати и пензии, инфлацијата и немањето на учебници? Ништо, но како што кажав, сите повеќе политизираат отколку што си ја работат работата за која се избрани.