Никој не ќе мора да се извинува ако ВМРО-ДПМНЕ ја зароби државата

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Актуелните политики, културата (не само политичка) и расположението на јавноста за промени ветуваат дека наскоро во Македонија нема да има ниту „хибриден режим“, ниту „демократија со недостатоци“, туку „заробена држава“ со вистински, автентичен режим.

Ако во оценката на „Економист“ за степенот на македонската демократија влезеа ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, искажани по завршните зборови во судскиот случај „Титаник“, тогаш Македонија сигурно ќе се најдеше помеѓу земјите со „хибриден режим“, каде што беше, а не во графата „демократии со недостатоци“, каде што напредуваше по долго, по многу долго време. Од едноставна причина што оценката за „политичка култура“ (3,13) најниска од сите во другите категории (за изборен процес, на пример, добивме 7,42!) ќе беше уште пониска. Со право.

На судењето за повреда на избирачкото право, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал, злоупотреба на пари и за слични дејанија, насловено „Титаник“, се случи преседан, нешто што ја шокираше јавноста повеќе отколку делата наведени во обвинението: обвинетите осуммина видни членови на ВМРО-ДПМНЕ признаа дека се виновни! Нешто што никогаш не се случило во историјата на револуционерната организација, а како што изгледа, нема никогаш ни да се повтори. (Мала исправка: Љубчо Георгиевски, основачот и првиот претседател на партијата и се извини на македонската јавност зашто предложи и помогна Борис Трајковски да стане шеф на државата, Трајковски кој го потпиша Охридскот договор, документ со кој заврши воениот конфликт. Но, Георгиевски е одамна избришан од извинувачката и воопшто од историјата на партијата).

Обвинителката Лиле Стефанова, веројатно затекната од пријатното изненадување, побара условни казни за шестмина од обвинетите, веројатно во надеж дека нема да го повторат делото. Владејачката СДСМ, пак, побара веднаш да се извинат и да поднесат оставки и тие што не седеа на обвинителна клупа во Кривичниот суд, туку во меките фотелји во белата палата, обвинувајќи ги за соучесништво: лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, членот на Извршниот комитет Антонио Милошоски, Игор Јанушев, Илија Димовски и сите други соработници и на тогаш забеганиот водач, а сега пребеганиот криминалец Никола Груевски.

Обвинтелката е можеби во право, но тоа не значи дека нема кој да го повтори делото на обвинетите. Еве како одговори нивната партија: „Денес во ВМРО-ДПМНЕ е нова генерација луѓе кои креираат автентична политика што треба да донесе промени кои на државата и се неопходни“. Точно е дека денес во ВМРО-ДПМНЕ влегоа нови луѓе, ама проблемот е што и тие креираат, или ќе мора да креираат, „автентична политика“. Никој од новите не се појави со „издвоено“ или какво било друго мислење различно од партискиот став. А никој не знае, ниту се сеќава, на некоја друга политика, освен таа што важи за автентично вмровска: закани, вришење-пиштење, ендеци, шамари, расипување лифтови, увоз на човечиња од Албанија да гласаат во Скопје, фалсификување лични карти… Таквата внатрешна политика не само што очигледно не е сменета, туку е проширена и надградена со учество и на тие што ги поддржува надвор од работниот состав. На пример, очекува ли некој дека независната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, еден ден ќе им се извини на гласачите за лагата дека ќе ја тужи СДСМ (помина законскиот рок за тоа) поради документите што партијата ги објави како доказ дека таа има бугарско државјанство и лична карта?

Точно е тоа дека таа „автентична политика“ ќе донесе промени во државата. Но, за жал, промени кои не само што не и се неопходни, туку ќе бидат погубни и за државата и за сите други во неа.

Аргументите со кои ВМРО-ДПМНЕ го нападна „Титаник“ се и повеќе од доволен доказ дека ништо не се изгубило од автентичноста на нејзините политики во кои нема ни елементарна почит, не само кон политичкиот противник, туку ни кон извршната ни кон судската власт: „Се соочуваме со власт којашто држеше во заложништво пратеник во премиерската вила само за да опстане извршната власт. Ако тоа се случи пред некој месец на овој начин, може само го замислиме степенот на теророт врз овие луѓе за да се спроведе денешното сценарио за признавање вина“.

Тоа е таа автентична политичка култура, која не обврзува никого – особено не на некој што претендира да ја освои власта – и на ништо, најмалку на докази, аргументи, на признанија, толеранција, на воздржување од највулгарни навреди.

Се’ е подредено на бескрупулозната борба да се дојде на власт, колку што е можно побрзо. За среќа, ВМРО-ДПМНЕ не мора да се плаши дека изборите ќе бидат „кланица“ – како што беа тие што таа ги организираше. За следните, што ќе ги организира некогаш, никој не може да гарантира. Актуелните политики, културата (не само политичка) и расположението на јавноста за промени ветуваат дека наскоро во Македонија нема да има ниту „хибриден режим“, ниту „демократија со недостатоци“, туку „заробена држава“ со вистински, автентичен режим. Во кој, не само што никој никому нема да му се извинува, туку никој нема ни да очекува од некого да покаже таква слабост. Такво зло никогаш нема да се повтори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот