Кочани се простува од загинатите во пожарот во „Пулс“ / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Неслучајно убиена младост – Македонија во 2025 беше вистинска „црна хроника“

Наместо година за враќање на младите од странство, изминатава беше година на нивно „системско убивање“. Пожарот во дискотеката „Пулс“, во која згаснаа 63 млади животи, а повеќе од 200 беа повредени, е најголемата трагедија во поновата македонска историја, за која родителите сè уште бараат правда, бидејќи никој од извршната власт не понесе политичка одговорност

Само дома си свој, само твоето име, твојот труд и твојата приказна имаат длабоки корени и трајна вредност. Македонија се менува и се развива, економијата расте, се отвора простор за претприемништво, за иновации за млади, за оние што сакаат да вложат и да создаваат свој дом. Со ваква порака премиерот Христијан Мицкоски ги повикува иселениците и младите да се вратат во Македонија, а на младите им праќа пораки дека љубовта кон татковината се манифестира со раѓање деца.

Наместо година за враќање на младите, изминатава беше година на нивно системско убивање. Додека премиерот ги испраќа овие апели, мајките во Кочани, во судницата во Идризово, во детали раскажуваа како упорно им давале вештачко дишење на своите мртви деца, како со голи раце кршеле ѕид за да им влезе воздух на девојчињата заглавени во тоалетот во дискотеката „Пулс“.

Прво сведочење на мајка чие дете загина во трагедијата – Андреј изгледаше како да е жив, не можев да прифатам дека е мртов

Ги превртувале изгорените и црносани тела пред дискотеката за да го најдат своето. Во раце им го давале нивното мртво дете, чии очи уште биле отворени, а телото уште мирисало на парфем. Гледале како од болницата во Кочани, наместо во хируршка сала, ги носат директно во мртовечница.

Со овие сведоштва мајките нема да си ја олеснат болката, но ќе остане силен крик за тоа како врските, корупцијата, сивата зона и криминалот убија 63 млади животи што не ја напуштиле татковината. Март е третиот месец во годината, а 16 март 2025 година е најтрагичниот ден во поновата историја на Македонија. Ден според кој ќе се смета времето.

Власта не сака Кочани ниту да се спомене

 

Трагичното обележје на 2025 година ќе биде неуморната борба на семејствата на загинатите деца, барањето правда, докажувањето дека сите виновни за смртта на нивните деца не се обвинети, апели нивниот глас и крик од болка да бидат слушнати. Но, наместо тоа, од власта добија само декларативна поддршка, а всушност власта не сака Кочани ниту да се спомене.

Мицкоски одби да одговори на обвинувањата за Кочани

Барањата на родителите, на роднините и на пријателите на загинатите и на повеќе од 200 повредени, со доживотни трауми, ги изедначија со барањата на опозицијата. Родителите тврдат дека државата не им дала никаква финансиска поддршка. Разочарувањето стаса брзо откако станаа свесни дека никој од извршната власт не понел политичка одговорност.

Сите беа ненадлежни и сите го спроведувале законот, иако дискотеката во која одело цело Кочани со години работела незаконски, бидејќи газдите добивале дојави за „ненајавените“ инспекции и рации.

Од толку државни институции што на хартија требало да го контролираат работењето на клубот, кој не бил ни дискотека ни кабаре, никој не го запечатил поради незаконско работење. Дури и сопственикот на дискотеката, кој повеќе од една деценија бил во овој бизнис, не знаел дека работи незаконски, едноставно институциите не го контролирале.

И по девет месеци од трагедијата, уште никој не кажа кој ја наредил акциската контрола во „Пулс“, која наместо да се спроведе по полноќ, се спровела по 2 часот. Она што од почетокот на трагедијата се провлекуваше како товар за родителите, се кажа гласно во судница, на прагот на Новата година, за родителите прва на која ќе ги нема убавите желби упатени од нивните деца.

Во судницата дури и слушнавме обвинение од еден од обвинетите градежни инспектори дека виновни се и родителите „што ги пуштиле нивните малолетни деца да одат доцна на концерт“.

ФОТО/ВИДЕО | „Не е ова живот, туку трагедија“: Родителите на загинатите деца од Кочани го предводат „Маршот за ангелите“ во Скопје

Обвинителството уште не поднело обвинение против полициските службеници, а првото обвинение беше поднесено додека власта го држеше на „тенок синџир“ републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, со постапка за разрешување која ја запре кога се случи пожарот во Кочани.

Тогаш, Коцевски и неговиот тим обвинители ги добија сите пофалби од власта за истрагата, и откако се скрои обвинение по мера на власта, односно поранешни функционери да бидат на обвинителна клупа, сепак Коцевски даде оставка дури кога веќе беше сигурно неговото разрешување од пратениците во Собранието, во кое мнозинството го има владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Неговата сервилност и премолчувањето на навредите од власта, всушност, му беа „за џабе“, зашто и онака остана без функцијата.

И бесни возачи одзедоа млади животи

Трагичната година како да ја навести несреќата што се случи на крајот на јануари, на почетокот на годинава, кога на пешачки премин беше прегазена младата Фросина Кулакова. Пијан, без возачка дозвола, со 90 километри на час ја прегази младиот Васил Јованов, кој е осуден на 13 години затвор со правосилна пресуда.

По трагичната смрт на Фросина, граѓаните се обединија во борба за правда и безбедни улици, а протестите станаа глас на семејствата на сите жртви. Граѓанското движење „Кој е следен“ одржа неколку протести и побара конкретни реформи во правосудството.

Само на булеварот „Партизански одреди“ во изминатите години загинаа неколку млади луѓе. Во 2015 година, на истиот булевар, беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач што управувал под дејство на алкохол и со недозволена брзина. Исто така, во јануари 2022 година, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш беше прегазена на истиот булевар, кај трговскиот центар „Сити мол“, од 22-годишен возач кој, според Обвинителството, исто така возел со поголема брзина од дозволената.

Последната пресуда годинава за ваква сообраќајка беше досудена за Фатон Љури, кој на пешачка патека го прегази дедо Југо додека фрлаше ѓубре пред сопствената зграда, на кејот на Вардар. Осуден е на 11 години затвор.

Трагичната судбина на младата дизајнерка Фросина ги зголеми казните за вакви сообраќајки, а го забрзаа и процесот на имплементација на системот „безбеден град“, односно ловење сообраќајни прекршоци преку камери, кој треба да почне, според најавите од МВР, на 1 февруари.

Смртта на тинејџерката Вања и на велешанецот Панче, кои беа убиени во 2023 година, годинава беше казнета со доживотни казни затвор за првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо, но и тројцата негови соизвршители, кои го грабнаа девојчето од влезот на нејзината зграда, ја ставија во вреќа за спиење, ја ставија во гепек од автомобил и безмилосно ја убија. Таткото на малолетното девојче, кој беше обвинет дека помогнал при грабнувањето на својата ќерка, беше ослободен.

Одредете си цена за вашите деца, ни рече премиерот на средба во Влада, обвинуваат родителите од трагедијата во Кочани

Иако судот неправосилно потврди дека Палчо им пукал на жртвите во глава, најбитните прашања останаа неодговорени – зошто било убиено девојчето и како таков ладнокрвен убиец, кој цело време живееше на граница со законот, слободно се шеташе, па дури и го креираше јавното мислење.

Груби и Ковачевски чудесно ѝ побегнаа на правдата

 

Власта очекуваше дека 2025 ќе биде година на нивната „борба против криминалот и корупцијата“. Кочани им ги помати плановите. Засега во оваа борба немаат трофеи, бидејќи најлутиот политички ривал, Артан Груби, и долгообвинуваниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, чудесно им побегнаа пред апсење.

Според власта, сега се консолидираат редовите во правосудството. Во практика, всушност се чека да предложат обвинител што ќе се бори против криминалот по нивна мера. Двајца членови веќе ги протнаа според стариот закон за Судски совет, па вработен во СВР Тетово сега ќе разрешува и ќе избира судии. Нови членови ќе предложи и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ќе се заменат сите што им пречат во Судскиот совет.

Нов претседател има и Советот на јавни обвинители. Сега со свои кадри ќе имаат бришан простор за да ја донесат нивната правда. Сепак, без нов Кривичен законик (КЗ), па сите што ќе ги гонат, ќе ги гонат по стариот, скандалозен КЗ кој го критикуваа.

Она што е најдепресивно е што и кочанската трагедија стана „чудо за три дена“, како и секоја друга трагедија во Македонија. По кампањските контроли на ноќни клубови, сè остана исто. Не се смени ниту еден закон, единствено родителите се упорни во барањето правда.

Годината што требаше да биде година во која ќе запре иселувањето на младите стана година во која броевме колку деца уби корумпираниот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот