Прво сведочење на мајка чие дете загина во трагедијата – Андреј изгледаше како да е жив, не можев да прифатам дека е мртов
„Андреј изгледаше како да е жив, не можев да прифатам дека е мртов“, сведочеше денеска на рочиштето Марија Петрушева, мајка на Андреј Петрушев кој загина во кочанската трагедија.
Препорачано
Ова е прво сведоштво пред судот на мајка која го изгубила своето дете кобната вечер, сведоштво кое никого во судницата не го остави рамнодушен. Додека зборуваше како ги барала своите синови таа вечер и како дознала дека едниот е мртов, таа липаше, како и сите во судницата. На крајот порача дека му завидува на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов Деко, првообвинет за трагедијата, зашто неговиот син е до него, а нејзиниот не е. Вели дека нејзиниот друг син сè уште не може психички да се опорави.
-Сега кај мене животот е поделен пред 16 и по 16 март. Секое сабајле стануваш, се соочуваш со реалноста, празнината, загубата, знаеш дека не можеш ништо да смениш, но се прашуваш зошто? Зошто не можеше да се спаси? Агонијата е сè поголема секој ден. Преживуваме на некој начин со болката, се бориш, но не можеш никогаш да се помириш. Ѝ завидувам на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете. Неговиот син е до него, но мојот не е – рече Петрушева.
„Ние бевме просечно нормално скромно семејство. Мојот син Андреј, кој е починат, работеше во ресторанот „Престиж“. Беше 6 месеци во Хрватска, на 1 април требаше да се врати да работи во Хрватска со неговиот брат.
Откако заврши средно се запиша на факултетот и се откажа. Работеше од мал во кафулиња и во ресторани и беше и таа вечер, го викнаа на испомош во „Пулс“ зашто имало многу гости. И другиот син бил повикан на еден час да оди. Кристијан рече дека нема да оди, а и Андреј рече дека ако најде замена и тој нема да оди, но и двајцата отишле.
Во 18.30 часот последен пат се слушнав со Андреј.
Таа вечер бев будна и околу 2:45 ги слушнавме првите сирени, одеа накај болницата. Првично сообраќајка, си реков, и не се вознемирив веднаш. По 15 минути многу коли почнаа да свират и пак погледнавме од прозорот и видовме дека има пожарно возило кое се движеше од центарот на градот кон излезот на Кочани. Тогаш сфативме дека се случува нешто многу сериозно, имаше многу цивилни коли кои се движеа со трепкачи. Тогаш почувствувавме и мирис на тежок чад и почнавме да паничиме. Од другата страна на станот гледавме кон излезот на Кочани и во позадина се гледаше како свети небото позади ридот.
Во тој правец се наоѓа „Пулс“ и изреагирав дека во ова време освен дискотеката друго ништо не работи. Почнав да ѕвонам на двајцата синови, на едниот на другиот, но одговор немаше. На Андреј му пишав и на Инстаграм што се случува, но до ден денеска пораката стои непрочитана. Облековме само патики и тргнавме да одиме кон „Пулс“ преку споредни улици затоа што на главната улица имаше многу коли. Веќе го гледавме големиот пламен, фрка е тој дел. Прашавме едни деца и ни потврдија дека „Пулс“ гори. Тогаш ѝ ѕвонев и на мојата мајка да ја прашам дали се вратил или е во дискотеката. Ми кажа дека бил дома да се пресоблече и дека во 2 часот заминал во дискотеката. Таму имаше многу луѓе, коли, се паркиравме кај салонот за мебел кој е подалеку.
Трчајќи се упативме со сопругот, баравме некои познати за да ни кажат што се случува. На сите страни трчаа деца, родители, кога се приближиме до хотелот „Национал“ видов еден другар на Андреј. Ми кажа дека Кристијан го видел, но Андреј не. Продолживме кон дискотеката. Пред неа има паркинг. Во тој момент пред дискотеката имаше премногу тела, а некои од нив не се ни препознаваа.
Јас се наведнав, ги превртував телата, го барав Андреј, викав по него за да ме слушне. Прв братучед ме слушнал, ми рече дека се со амбулантна кола во болница. Кристијан бил добар, а Андреј имал слаб пулс. Сопругот влезе да ги бара. Многумина кои влегоа се онесвестија. Веднаш го побарав сопругот и му кажав дека децата се во болница. Во тој момент самото тоа што ми го кажаа, дека со кола се во болница, ми даваше некоја сигурност дека ќе им се пружи помош. Не сфаќав дека се мртви децата што ги гледав, мислев дека се онесвестени.
– Дали имаше службени лица?
– На кружниот имаше полиција, мора да ги носиме децата, не правете застој.
-Се сеќавате ли на пожарникари?
-Не се сеќавам.
Од таму се упативме кон болницата и до таму беше блокиран патот, јас пешки тргнав, трчав до таму. Пет до седум минути бидејќи беше сè блокирано. На влезот на итната помош влегов, таму уште поголем ужас. Цел ходник беше со легнати деца на подот, на клупите, кои исцрнети до непрепознавање, кои изгорени…
Таму викав по Кристијан. Слушнав една докторка која ѝ соопшти на една мајка дека ќерка ѝ е почината. Тоа беше шок, не верував дека има мртви. Некој рече дека има деца и по други одделенија. Се упатив до интерно, кога се качив почнав од првата соба, некои врати беа отворени.
Викав по Кристијан, логички ми беше дека е со неговиот брат, дека е свесен и треба да ме слушне. Пред крајот на ходникот во соба број 2, која се наоѓа спроти другиот влез на интерно, налетав на Кристијан кој влегуваше во тој момент.
„Мамо, што овде? Мамо не успеавме, не го спасивме брат ми.“
Јас не можев да верувам каде е. Влегов во соба 2, Андреј беше на вториот кревет. Изгледаше нормално, немаше изгореници, единствено розева изгореница. Имаше и канела.
„Кристијан, му дадоа ли помош докторите?“ – тој ми кажа дека примал адреналин, така му кажале.
Андреј изгледаше толку живо што не изгледаше воопшто мртов. Си реков докторите не знаат што зборуваат. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Кога му давав испушташе некој воздух, необични звуци. Мислев дека се враќа. Го оживуваме, реков стискај ти посилно, многу време го реанимиравме. Не можев, умот не ми даваше да се помирам дека е мртво, дека не е можно тоа што го гледам. Му реков на сопругот: Оди барај други доктори, мора да ми го вратат Андреј. Поминуваше доктор од Оризари, сопругот го повлече. Му велев: Докторе, спаси го. Нема пулс, ми кажа дека се лади.
Никој немаше пулс од нив, никој не беше жив. На првиот кревет беше девојче. Не можевме да се помириме дека тие деца се мртви. Забележав дека има под носот црно. Докторот додека не утврди смрт јас не прифаќав. Сопругот ми викаше: Доста го мачиш и него не можеме да го вратиме.
Им реков да ме остават за последен пат да го гушнам и да легнам до него.
Ние седевме на клупа, не знаев колку животи има однесено. Таму може уште половина час седевме. Потоа се симнавме во итната помош. Кога наближувавме имаше многу луѓе од Кочани, видов мои блиски кои исто ми кажаа дека ги изгубиле децата. Во итната помош примив инјекции за смирување. Не бев способна да останам таму, сопругот ме врати дома. Негде попладне ми соопштија дека одлучиле децата да ги носат на обдукција во Скопје.
Таму реагиравме дека не сакаме децата да ни ги носат на обдукција, преголем шок беше тоа за нас, ни појаснија дека мора и попладнето ги зедоа. Не знам како ги поминав тие денови, цело време бев со инјекции за смирување.
Во собите во болницата
Во првите две-три соби имаше доктори и правеа реанимација на деца. Кристијан беше избезумен, лут, револтиран, дури и го скрши стаклото во собата, викаше „Зошто?“. Не го испуштав и него од поглед. Немаше видливи повреди Кристијан. Првично во понеделникот ни кажаа дека мора да оди на испитување. Отидовме во нашата болница. Му најдоа примеси на јаглерод моноксид. Психичката состојба му беше многу лоша и се обвинуваше дека тој не можел да го спаси брат му. До ден денес има кошмари, ја преживува таа вечер.
Тие 10 минути додека се расчисти стампедото, додека спасувал други животи можеби биле клучни за неговиот брат. Сега покрај загубата, траумата, се борам психички да го подигнам другиот син. Некогаш мислам дека сум успеала, но тоа ќе остане засекогаш во него.
Сега кај мене животот е поделен пред 16 и по 16 март. Секое сабајле стануваш, се соочуваш со реалноста, празнината, загубата, знаеш дека не можеш ништо да смениш, но се прашуваш зошто? Зошто не можеше да се спаси? Агонијата е сè поголема секој ден. Преживуваме на некој начин. Со болката се бориш, но не можеш никогаш да се помириш. Ѝ завидувам на една личност, кој е најодговорен за смртта на моето дете. Неговиот син е до него, но мојот не е“, сведочеше мајката на Андреј.


