Христијан Мицкоски и македонски иселеници во Влада / Фото: Фејсбук

Каде и да одите, таму секогаш ќе бидете дојденци, бидете свои на своето, им порача Мицкоски на македонските иселеници

Вашето враќање е порака дека Македонија не е заборавена, корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на Форумот на повратници во државата, настан посветен на македонските граѓани кои одлучиле да се вратат во Македонија.

„Знаеме дека многумина заминаа, затоа што немаа избор. Затоа што сакаа подобро образование за своите деца, посигурна работа, достоинствена плата, стабилен живот. И тоа е нормална човечка потреба. Тоа е борба за иднина“, им рече Мицкоски.

Тој порача дека сите граѓани кои заминале во странство, колку и да се успешни, таму секогаш ќе бидат дојденци.

„Каде и да одите низ светот, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци. Почитувани пријатели, ценети, можеби и добро платени – но дојденци. Само дома си свој. Само дома твоето име, твојот труд и твојата приказна имаат длабок корен и трајна вредност. Вие што денес сте тука сте жив доказ за тоа. Вие покажавте дека знаењето и искуството стекнато надвор не се губат кога ќе се вратите, туку добиваат смисла. Стануваат темел за нови бизниси, нови работни места, нови идеи и нова енергија во нашата економија“, рече Мицкоски.

Како Влада, додаде тој, нашата обврска е да создадеме услови, да обезбедиме стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој. Но, нагласи дека дека ниту една стратегија и ниту еден план не може да успее без луѓето.

„Ни треба секој Македонец кој сака да придонесе. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Преку вашиот пример, денес испраќаме порака до сите наши луѓе родум од Македонија, ширум светот: Ве разбираме. Ве почитуваме. И вратите се отворени. Не ветуваме лесен пат. Но нудиме смисла. Нудиме можност да се биде дел од нешто поголемо. Нудиме шанса трудот да не биде само личен успех, туку и придонес за заедницата и идните генерации“, порача Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот