Одредете си цена за вашите деца, ни рече премиерот на средба во Влада, обвинуваат родителите од трагедијата во Кочани
-Наместо разбирање, добиваме манипулации. Наместо сочувство, добиваме потсмев и обвинувања. Наместо поддршка, добиваме директно понижување. Во понеделник, на 7 јули на средба во кабинетот на премиерот ни беше кажано нешто што ниту еден родител не смее да го слушне — „Одредете си цена за вашите деца“.
Препорачано
Ова го обелоденија родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во обраќање до јавноста во кое открија дека конечно биле на средба со премиерот Христијан Мицкоски откако испратиле барање за законска финансиска и институционална помош за семејствата на починатите во трагедијата во Кочани.
– Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца. Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат. Разликата меѓу нас и вас е што вие се плашите од вистината, а ние се бориме за неа. Вашата неспособност не треба да ја платиме ние. Ниту нашите деца. Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? – се вели во обраќањето до јавноста.
Во дел од обраќањето тие критикуваат дека судскиот процес уште не започнал, а осомничените шетаат слободно.
– Сите поврзани, сите заштитени, сите си тераат како ништо да не се случило. А се случи — се случи масовно убиство на 62 деца, и тоа никогаш нема да го заборавиме. Затоа не лажете повеќе. Ни вие, ни обвинителите. Ниедно „ќе видиме“, ниедно „ќе се процесира“ не значи ништо веќе. Додека сте неспособни само да ја одолговлекувате постапката, ние ќе бидеме гласот на правдата — сѐ додека таа не се случи! – повикуваат родителите.
Барањето за средба го испратиле на 1 јули, а им била закажана средба за на 7 јули, но премиерот не можел да оди до Кочани поради безбедносни причини па родителите отишле во Скопје.
– Иако инсистиравме средбата да се одржи во Кочани – местото каде се случи трагедијата и каде почиваат нашите деца – одговорот беше дека безбедносните услови не дозволуваат премиерот да патува и средбата мора да се одржи во Скопје. И покрај горештините и нашата болка, отидовме во главниот град – со надеж дека конечно ќе бидеме слушнати. На средбата присуствуваа околу 60 родители и членови на семејствата на починатите деца. За повеќето, ова беше прва лична средба со премиерот. Очекувавме барем еден човечки збор, искрено сочувство. Но, тоа не се случи. Наместо тоа, бевме пречекани со површен поздрав: „Здраво, како сте?“ – зборови кои не можат да ја допрат болката на родител кој изгубил дете. На нашето прашање во врска со барањето, премиерот одговори дека го гледа за првпат, дека штотуку му било предадено од службите. На тоа реагиравме бурно, бидејќи уште на 03.07 – кога нè контактираа – ни беше кажано дека барањето е примено и разгледано. На нашиот револт реагираше неговата портпаролка, г-ѓа Марија Митева, објаснувајќи дека во Владата има процедура – обелоденија родителите.
Барањето било заведено на 03.07 во архивата, на 04.07 било препратено до другите институции, а дури на 07.07 му било врачено на премиерот лично, им соопштила Митева на родителите, кои велат:
„Иако не сме правници, неприфатливо ни е писмо адресирано лично до премиерот, без негова дозвола и знаење, да биде разгледувано и препраќано од други институции без негова одлука.
Навредата што никогаш нема да ја заборавиме:
Премиерот започна да го чита барањето ( кое целосно може да го прочитате во прилог) и изјави дека ќе се задржи само на петте точки, без да ги разгледува воведните делови и правните објаснувања.
На првата точка – која се однесуваше на:
‘Еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет…’… добивме одговор кој не само што нè понижи, туку длабоко нè навреди како родители и како луѓе:
„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“
Тоа беше моментот кога болката премина во чиста неправда. Овие зборови ќе одекнуваат засекогаш во нашите срца, како уште една смрт – смрт на достоинството.
Јавен повик до премиерот и целата јавност: Доста е!
Доста е! Доста со манипулации. Доста со потценување на нашата болка. Доста со лаги и игри врз сметка на животите на нашите деца!, пишуваат родителите во реакцијата до јавноста.
Премиерот пак претходно во интервју за „Само интервју“ на Канал 5 на обвинувањата во јавноста за наводна политичка и морална одговорност за пожар во Кочани што се случи пред четири месеци дури и побара извинување ако победи на избори.
– Нека судат граѓаните дали сум виновен или не. Мојата политичка одговорност е на избори. Ако имам кривична одговорност, нека ме обвини обвинителот веднаш. Но, ако не е така, барам јавно извинување од сите што водат морбидна некрофилска кампања – изјави Мицкоски.
Рече дека Владата што ја води нема двојни аршини и дека делува единствено врз основа на постапки од Обвинителството.
– Оваа Влада прва покажа дека приведува и лица од владиниот кабинет, институциите и високи структури на МВР. Ниту јас, ниту било кој од Владата имал контакт со Обвинителството – рече Мицкоски.
Судскиот процес за дел од обвинетите за трагедијата во Кочани сè уште не е почнат, а обвинителниот акт сè уште се оценува.


