„Непријатност во културата“ – есеи од Гоце Дртковски

Кому се обраќаат есеите сместени во книгата? На оние кои се залагаат за подигање на националното културно ниво преку градење критериуми, кои бараат компетентност на луѓето во институциите и намалување на нивото на корупција, вели Дртковски.

Излезе од печат новата книга од Гоце Дртковски – „Непријатност во културата“ со понаслов „За предморалноста и другите демони“ во издание на „Љубовта е петтиот елемент“ од Скопје.

Станува збор за збирка есеи во кои Дртковски бескомпромисно, проблемски ја анализира културната атмосфера во Македонија, а посебно го потенцира проблемот со релативизирањето на вредностите во културата, што создава легална платформа за коруптивно делење јавни пари. Последица на ваквите односи, според него, е провинцијализацијата на македонската култура.

Кому се обраќаат есеите сместени во книгата?

„На оние кои се залагаат за подигање на националното културно ниво преку градење критериуми, кои бараат компетентност на луѓето во институциите и намалување на нивото на корупција. Содржините можат да бидат интересни и за оние кои имаат создадено граѓанска свест и се борат против поделбата на луѓето на заслужни и на проколнати – како последица на партиски поделеното општество. Секако, генерациите што доаѓаат се иднината на културната сцена, секогаш и секаде, и важно е ним да им се понуди поинакво мислење кое не се совпаѓа со она што во културата кај нас е прифатено како нормално…Во вакви околности, моралната ситуација бара оние што поседуваат моќ, влијание, јавно да ги проблематизираат односите во оваа област, затоа што не е сеедно во каква културна атмосфера живееме. Исто така, не треба да го заборавиме ни тоа дека културата и традицијата на еден народ се длабоко поврзани со идентитетските прашања и можат да се употребат како колосален одбранбен бедем на македонската нација. Релативизирањето на вредностите во културата не ѝ прилега на ниту една средина. Таквите односи ја претворија Македонија во културна паланка“, пишува авторот.

Гоце Дртковски работи како новинар, колумнист, автор е на книгите „Затворено општество“ (1994), „Слободен новинар“ (1998) и „Вонредна состојба“ (2016). Тој е дел е од уредничката екипа на меѓународното списание „Политичка мисла“ (2003-2016).

Во книгата „Непријатност во културата“ се објавени и текстовите на угледната универзитетска професорка Анета Серафимова и на реномираниот, не само во земјава, писател Гоце Смилевски.

„Дртковски создава мисловен мозаик од книжевни етиди, пишувани со новинарска прецизност и писателски талент. Содржината се чита привидно лесно, но нејзината згусната структура и сублимативен пристап изискуваат внимателност“, пишува Серафимова во текстот насловен „Паланката – центар на светот“.

Смилевски во поговорот „Културата и предизвиците на (не)времето“ пишува дека „по исчитувањето на ова дело, силен е впечатокот дека Гоце Дртковски го пишувал со јасно изразена цел преку своите опсервации и анализи да придонесе кон излегување на нашата културна средина од меѓепсаниот круг на ентропијата и релативизацијата на вредностите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот