ФОТО | „Непребол“: Ана Костадиновска со уште една тажна приказна за „ДНК“
Ана Костадиновска сподели срцепарателна објава за своите пријатели од „ДНК“, кои ги нарекуваше своето второ семејство.
Препорачано
Помина повеќе од една година од кобниот 16 март, денот кога Македонија занеме пред страшната трагедија во кочанската дискотека „Пулс“, каде згаснаа 63 животи. Меѓу нив беше и речиси целиот состав на култната група „ДНК“ – луѓе кои беа синоним за пријателство, хуманост и врвна музика.
Пејачката Ана Костадиновска, која со години ја делеше сцената со нив како придружен вокал, го преживеа тој ужас, но болката за загубените пријатели останува засекогаш. Таа на Фесјбук сподели емотивен колаж од фотографии кои сведочат за нивните среќни денови, заедничките настапи и нераскинливата врска со бендот.
Со само еден збор кој ја опишува целата тежина на загубата, таа напиша: „Непребол“.
Костадиновска овие фотографии ги сподели со песната „Срце“, еден од најголемите хитови на „ДНК“.
На фотографиите, Ана е на сцена заедно со Андреј Ѓорѓиески, Сара Пројковска (професорка по пијано на ФМУ и придружен вокал) и Владимир Блажев – Панчо, кој по повеќемесечна борба со тешките изгореници, исто така им подлегна на повредите на 14 октомври минатата година.
Катастрофалниот пожар во Кочани ја однесе речиси целата екипа на „ДНК“ – покрај Андреј, Панчо и Сара, животот го загубија и тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, нивниот фотограф Александар Ефремов како и Мартин Атанасовски-Буцо, кој беше дел од бендот како битбоксер.
„Сара беше прекрасна личност, жена-светлина. Секој миг поминат со неа ми ја грее душата. Тука е и секогаш ќе биде, сѐ додека дишам и постојам. Пеењето секогаш ми било единствен лек за секоја душевна болка. Другарите од „ДНК“ се моето второ семејство и ќе бидат засекогаш. Нашата приказна беше најубава во секој сегмент од нашето заедничко делување“, изјави Костадиновска во интервју за „Слободен печат“.


