Фото: Принтскрин / илустрација

Нема абер од комисиите што ги истражуваат обвинувањата на Кедев

Домашната комисија од доктори задолжена да испита дали наводите на професор доктор Сашко Кедев за наводно непотребни интервенции на срце во приватното здравство исклучиво за профит и без медицинска индикација – нема абер од извештајот што треба да му го достави на министерот за здравство Азир Алиу.

До комисијата пристигнале 25 пријави дел од државни кардиолошки болници, дел од приватни установи а дел претставки од самите пациенти, ама прегледани се само 18. За 7 што се преостанати, уште се чека.

Освен што и по два ипол месеци не е готов извештајот од внатрешната комисија, нема абер ни од странските експерти што требаше да дојдат од Словенија, Австрија и Италија и да го дадат своето експертско мислење.

Министерот Алиу вели дека со нив Министерството уште нема склучено ниту формални договори, туку само на една интернет-средба било дискутирано со нив.

Запрашан дали процесот се изрелативизира со тоа што во домашната комисија влегоа и доктори од приватното здравство, кои всушност би требало да ги испитуваат интервенциите во своите институции од каде што земаат плата, Алиу смета дека таков ризик нема. Не само тоа, туку и докторите што работеле на  интервенциите што се предмет на испитување – биле повикувани на состаноци во комисијата, откри Алиу.

-Мислам дека за процесот да биде уверлив и транспарентен, мора да има луѓе од сите институции. Ги информираме и тие што работеле на конкретниот случај. Ги повикуваме да бидат присутни. Зашто мислиме дека и тие треба да бидат таму за потранспарентно и поуверливо да биде. Секој може да има различно толкување на протоколот но на крајот се спроведува гласање. Резултатот не е од еден експерт што работи во таа здравствена институција туку и од експерти што не работат во таа институција. Но, сметам дека и доктор што работи во конкретна болница ќе гласа „за“ ако е видливо дека случајот не е направен според протоколите. Досега немало ниеден случај каде гласањето во Комисијата било 50-50. За секој случај над 70 проценти од комисијата се истомисленици. Лесно е, зашто протоколите се стриктно дефинирани, изјави министерот Алиу.

За причината зошто странските експерти не се дојдени во Македонија, тој ги посочи изборите како главна пречка, но по нивното завршување истакна дека тие ќе бидат вклучени во процесот. Причината зошто биле потребни странски експерти, според Алиу е во тоа што се работи за сензитивно прашање за операции на срце а од наодите и јавноста и здравствениот систем мора да се сигурни дека ќе следува реорганизација на здравствените услуги.

-Надворешните експерти не е дека се вклучени зашто не им веруваме на домашните, туку затоа што уште едно мислење од надвор би било поуверливо за секој граѓанин да верува во овој процес, рече министерот.

Министерот додаде дека уште 7 случаи треба да се анализираат а процесите одземаат време, поради малиот број на експерти што работат во оваа област, а кои истовремено мора да работат во болниците и во операционите сали, така што состаноците се еднаш на 1 до 3 недели.

Откако Министерството за здравство им наложи на приватните здравствени установи сите интервенции што ги спроведуваат независно дали се покриени од Фондот за здравство или се платени од сопствен џеб на граѓанинот – да бидат внесувани во „Мој Термин“, изработен е таков модул. Но, министерот мора да провери колку активно се почитува наредбата.

Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски зборуваше за пријавите кои што доаѓале од пациентите во ФЗОМ.

-Процесот започна со една пријава, ама во меѓувреме има и други, за повеќе институции. Повеќето што стигнаа до ФЗОМ беа парче хартија од пациенти (претставки) каде мораше да се помине административна постапка на обработка, па да се премине на медицинска обработка. Процесот не е толку брз колку што сите би сакале зашто има повеќе фази на проверка на работите. Најголем дел од случаите почнуваат од нула а  имаме случај уште од 2010 година, рече Клековски.

Одговорите на прашањата тие ги даваа на Универзитетската клиника за кардиологија каде за првпат е извршена аблација за коморна тахикардија, сложена интервенција што ќе овозможи пациентите да се лекуваат во Македонија без потреба од упатување во странство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот