Неевропските репрезентации не ни лежат
Македонската кадетска ракометна репрезентација со пораз од 22:31 ги заврши настапите во групната фаза на Светското првенство до 19 години. Според селекторот Данило Брестовац, голем проблем за кадетите претставуваат неевропските селекции за кои не се најде одговор за нивната брза игра.
– Не успеавме да и се спротиставиме на Јапонија во ниту еден сегмент од играта, ниту технички, ниту тркачки. Пак доаѓа до моето мислење дека ракометот кој се игра надвор од Европа ни е проблематичен. Ниту со Јапонија, ниту со Нигерија и Бахреин не можевме да одговориме соодветно на нивната брза игра.
Противникот беше трипати побрз од нас. Ние сме навикнати на европски, побавен ракомет, па поради тоа не можевме да ги запреме Јапонците. Ние во Македонија играме шаблонизиран ракомет, децата ги учиме исто, да играат акции и комбинации, да се знае каде е блокада, каде е вишокот на играч. Кај неевропските селекции гледам друг начин на ракомет. Во натпреварот влеговме да победиме, но едноставно не можевме да парираме на Јапонците – вели Брестовац.