Недостатокот на работна сила претставува главоболка за 60 отсто од компаниите

фото: Слбоден печат

Од оние што бараат работа претежно тоа се лица со професии од општествените науки кои не можат да најдат работа на пазарот на труд. Затоа се тежнее кон тоа да се направи нивна преквалификација и доквалификација за да може да се вклучат во работниот процес

Со недостатокот на работна сила се соочуваат 60 отсто од компаниите, покажуваат податоците од  анкетата спроведена од Стопанската комора на Македонија. Според анкетата, недостига кадар од различни типови на образование и од различни професии, почнувајќи од мајстори до висококвалификувани кадри, посочија на денешната прес конференција м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.

Од анализата на СКМ може да се заклучи дека 62% од компаниите се соочуват со недостаток на работна сила што го попречува работниот процес на фирмите и директно влијае на намалувањето на продуктивноста. Причините за ваквата состојба е обезбедувањето работен кадар, а 32% според компаниите е заминувањето на работната сила во странство. Резултатите покажуваат дека 32,88% од компаниите причините ги гледаат во неактивното работоспосоно население и неквалитетното и несоодветно образование, додека 13,7% од компаниите потенцираат дека имаат сериозен проблем со превземањето на работници од други фирми во земјава што ќе намали продуктивноста на една компанија на сметка на друга.

– Од оние што бараат работа претежно тоа се лица со професии од општествените науки кои не можат да најдат работа на пазарот на труд. Затоа се тежнее кон тоа да се направи нивна преквалификација и доквалификација за да може да се вклучат во работниот процес. Исто така тоа се лица со високообразовни квалификации кои не сакаат да работат со пониско ниво на квалификации, иако платите што се нудат во компаниите се повисоки. Имате компании кои нудат плата до 30 илјади денари, но не можат да најдат кадар бидејќи работниците сметаат дека многу им е подобро да седат дома, отколку да бараат работа – рече Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Во речиси 90 проценти од анкетите кои ги спровеле Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија се преклопуваат податоците и информациите кои послужиле при реализирања на мерките во Оперативниот план за вработување во 2020 година, а како најголем проблем, покрај иселувањето, е и недоволно квалификуваниот кадар. Недостигот на кадар не е карактеристика само за еден од планските региони во државата, туку се јавува како проблем во сите плански региони.

Од Комората се задоволни што во Оперативниот план за вработување за 2020 година при креирањето на мерките се земени предвид потребите на компаниите.

Директорката на Агенцијата за вработувања Билјана Јовановска се надева дека и овој Оперативен план ќе ги даде очекуваните резултати.

– Министерството за труд и социјална политика како носител на Оперативниот план најверојатно ги има вклучено сите субјекти и партнери за кои смета дека ќе дадат ефект во позитивна насока за реализација на Оперативниот план бидејќи во 2019 година имаше успешна реализација со опфат на корисници околу 9.000 невработени и над 96 проценти буџетска реализација – рече Јовановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот