Не помина спорниот предлог за закуп на училишните простории и дворови во Центар
Претходно, од „Шанса за Центар“ ја објавија оваа, како што велат, спорна предлог-одлука за која информираа дека не била прифатена ниту од Комисијата за образование на Советот на Општина Центар, но сепак била ставена на седницата на Општината.
На вчерашната седница на Советот на Општина Центар беше отфрлена предлог-одлуката за користење на недвижниот имот на Општина Центар, која беше оспорена од страна на иницијативата „Шанса за Центар“, од каде изјавија дека доколку овој предлог бил ставен на дневен ред и изгласан, тоа ќе отворело можност за изнајмување на училишните дворови и простории за разни потреби.
Препорачано
Од „Шанса за Центар“ реагираа дека со предлог-одлуката се отвора можност во училиштата и градинките да се даваат под наем и скривници, дворови и игралишта, а во намените за кои може да се користат школски простори се додаваа и забава, производство, угостителство и трговија.
Претходно, од „Шанса за Центар“ информираа дека предлог-одлуката не била прифатена ниту од Комисија за образование на Советот на Општина Центар, но сепак била ставена на седницата на Општината.
– И покрај тоа што граѓаните во повеќе наврати протестираа против досегашните иницијативи за издавање на школските игралишта кои меѓу другото се и единствените јавни спортски простори за заедниците, со оваа предложена Одлука се отвора можност тоа да се прави и со школските дворови – реагираа претходно од „Шанса за Центар“.
Исто така, од иницијатативата потенцираа дека овој предлог е копија на одлуката која ја донел Советот на Град Скопје пред три години, која потоа била обжалена пред Уставниот суд, а потоа поништена како неуставна.
Со предлог-одлуката меѓу другото, како што велат, исчезнува и механизмот со кој училиштето, Училишниот одбор и родителите можат да реагираат на лош квалитет на храна.
– Дополнително, предлогот е копиран од одлука која ја има донесено Град Скопје во 2023 година, но која беше обжалена пред Уставниот суд и поништена како неуставна. Со тоа и одлуката која ја предлага Центар, а е скоро идентична со таа на Град Скопје, е неуставна – изјавија од „Шанса на Центар“.
Предлог-одлуката за утврдување на условите, начинот и постапката на давање на користење на недвижен имот на основните училишта и јавните установи основани и во сопственост на Општината беше предложена токму од канцеларијата на градоначалникот Горан Герасимовски, поточно од Секторите за јавни дејности и за правни и организациони работи, кои ја изготвиле.
Конкретно, со овој предлог се предвидуваше општинските училиште и јавните установи под закуп да ги даваат свечените хали, спортските сали, училниците, кабинетите, канцелариите, делови од градинките, базените, отворените игралиште, подрумите, дворовите па дури и скривниците.
Меѓу очекуваните дејности како настава, спорт, танц и културни манифестации, дел од дејностите за кои што би биле наменети овие јавни простории беа угостителство, занаетчиство и активности на невладини организации.
Доколку се изгласаше предлогот, јавните простории и училници тендерски ќе се даваа под закуп, а изготвувачите од Општината наведоа дека собраните средства од закупнината би биле наменети за подобрување на условите на установата, финансирање на проекти, набавка на материјали и слично.
Од „Шанса за Центар“ потенцираа дека со отфрлањето на оваа одлука се спречила комерцијализација на училиштата и училишните дворови, кои, како што велат од иницијативата, треба да бидат чисти и безбедни, а не да се претворат во трговски зони за нечиј профит.
– Ни требаат чисти и безбедни дворови и јавни простори, а не трговски зони за нечиј профит во училиштата – заклучија од иницијативата.


