Александар Наунов, татко на загинатата Надица во пожарот во „Пулс“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Наунов: Цинично е адвокати да бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за несреќа

Случајот за трагедијата во „Пулс“ во која загинаа 63 деца и млади лица не може да се третира како обична несреќа, порача денеска Александар Наунов,  татко на загинатата Надица.

Според него е „неверојатно лесно“ како дел од адвокатите бараат трагедијата да биде прогласена за несреќен случај, оценувајќи дека вистинската одговорност лежи во системски пропусти и институционално занемарување.

„Навистина е неверојатно колку лесно денес некои адвокати бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за „несреќа“. Несреќа е кога природата ќе удри без предупредување. Но кога со години институции дозволуваат небезбеден објект да работи, кога се прифаќаат непополнети пријави, се користат стари согласности и се премолчуваат недостатоци, тогаш тоа не е несреќа, туку системско замижување“, изјави Наунов.

Тој во изјава за медиумите на паузата на денешното рочиште во судницата во Идризово, реагираше на изјавата на адвокатот Петре Шилегов, бранител на Шофкет Хазари, на минатото рочиште дека треба да се преиспита обвинителниот акт.

„И навистина е цинично денес да слушаме дека луѓето во судницата „не знаеле зошто седат таму“. Седат таму затоа што 63 деца и млади лица не седат повеќе никаде. Пожарот можеби го запали искра. Но системот му ја отвори вратата. И токму затоа, на следниот Марш на ангелите, јавно ќе се чита обвинението за Шофкет Хазари — за целиот народ да слушне како изгледа кога корупцијата со години се потпишува, премолчува и прикрива, сè додека една општина не ја плати цената со животите на своите деца“ рече Наунов.

Шилегов на претходното рочиште реагирше на обвинителниот акт и побара преквалификација на делото, бидејќи, како што посочи, според него поголемиот дел обвинети немаат никаква вина за катастрофалната трагедија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот