Научниците тврдат: Дланките можат да ја откријат нашата склоност кон алкохол
Изгледот сепак може да биде важен, велат европските научници. Должината на прстите може да биде пресудна кога станува збор за тенденцијата за консумирање алкохол, пишува „Индепендент“.
Научниците велат дека новата студија открила врска помеѓу високите стапки на внесување алкохол и оние кои имаат подолг домал прст од показалецот. Тие веруваат дека причината се хормоните, бидејќи претходните докази покажаа дека консумацијата е под влијание на пренаталните полови хормони како што се тестостеронот и естрогенот.
Претходните истражувања покажаа дека количината на тестостерон и естроген на кои луѓето се изложени во утробата може да влијае на тоа кои прсти се подолги и дека поинтензивната изложеност на тестостерон може да се поврзе со подолгиот домал прст.
„Познато е дека луѓето зависни од алкохол имаат подолг домал прст во споредба со показалецот, што укажува на високо ниво на тестостерон во однос на изложеноста на естроген пред раѓањето. Очекувано, овие врски беа поизразени кај мажите отколку кај жените“, рекол Џон Менинг, професор на Универзитетот Свонси во Велика Британија.
Професорот Менинг е еден од авторите на студијата. Тој е почесен научен соработник на Катедрата за спорт и наука за вежбање на Универзитетот Свонси, а соработувал со колеги од Полскиот медицински универзитет во Лоѓ.
Авторите дошле до овие заклучоци врз основа на анализа на група студенти. Од 258 анкетирани учесници во студијата, повеќе од половина беа жени. Гледајќи го неделното консумирање, тие откриле дека, генерално, мажите консумираат повеќе алкохол и има повеќе смртни случаи од злоупотреба на алкохол отколку кај жените.
Научниците се надеваат дека овие наоди ќе помогнат подобро да ги разбереме различните фактори кои водат до формирање на навики кај луѓето, од апстиненција и повремена употреба до штетна зависност.
„Потрошувачката на алкохол е голем социјален и економски проблем. Затоа, важно е да се разбере зошто постојат големи разлики меѓу поединците во консумирањето алкохол“, нагласил Менинг.