Фото: Vadym Drobot / Alamy / Alamy / Profimedia

Научниците откриваат: Лошите навики кај младите го зголемуваат ризикот од срцев и мозочен удар за десет пати

Моделите на кардиоваскуларно здравје за време на младоста можат со сигурност да го предвидат ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и смрт децении подоцна, според студија водена делумно од Медицинскиот центар Бет Исраел Диконес, поврзан со Харвард, пишува „Е-клиника“.

Здравјето на срцето почнува да се влошува помеѓу 20 и 40 години

Користејќи податоци од долгорочната студија за развој на коронарниот артериски ризик кај млади возрасни, која следела повеќе од 5.000 возрасни лица низ САД во текот на изминатите 35 години, истражувачите откриле дека луѓето чие кардиоваскуларно здравје се влошило помеѓу 20 и 40 години имале до 10 пати поголема веројатност да развијат срцеви заболувања до 60-годишна возраст отколку оние кои го одржувале или подобриле здравјето на срцето.

Резултатите од студијата беа објавени во списанието „ЈАМА Нетворк оупен“.

– Накратко, нашата студија покажува дека промените се важни. Подобрувањата во кардиоваскуларното здравје можат да го намалат идниот ризик од срцеви заболувања, а колку порано се стекнат и одржуваат добрите навики и здравјето на срцето, толку подобро – истакнал водечкиот автор на студијата, д-р Џејмс Гуо, лекар по интерна медицина во Медицинскиот центар Бет Исраел Диконес и клинички соработник на Медицинскиот факултет Харвард.

Истражувачите го процениле здравјето на срцето на учесниците користејќи го Лајф есеншалс 8 (ЛЕ8) на Американското здружение за срце – мерка што комбинира 8 клучни фактори за кои е познато дека ја поддржуваат и дефинираат кардиоваскуларната благосостојба (исхрана, физичка активност, спиење, индекс на телесна маса, холестерол во крвта, шеќер во крвта, крвен притисок и избегнување на изложеност на тутун) во еден единствен резултат кој се движи од 0 до 100. Колку е повисок резултатот, толку е подобро кардиоваскуларното здравје.

Истражувачкиот тим идентификувале четири различни лонгитудинални траектории на кардиоваскуларното здравје кои го следеле здравјето на срцето мерено со мерката ЛЕ8 низ младоста на учесниците, помеѓу нивните 20-ти и 40-ти години: постојано високо, постојано умерено, умерено опаѓачко и умерено до ниско опаѓачко. Додека сите четири модели покажале опаѓање на кардиоваскуларното здравје, некои траектории покажале поголемо опаѓање од другите.

Ризикот е од 2 до 10 пати поголем од развојот на кардиоваскуларни заболувања

Во споредба со оние кои постојано одржувале оптимално здравје на срцето, лицата со полоши траектории на кардиоваскуларно здравје за време на младоста се соочувале со значително поголем ризик – од 2 до 10 пати поголем – од развој на кардиоваскуларни заболувања подоцна во животот, вклучувајќи срцев удар, мозочен удар, срцева слабост, потреба од коронарна реваскуларизација и смрт од кардиоваскуларни заболувања. Дури и скромните падови во ЛЕ8 резултатите биле значајни: за секои 10 поени од 100 помеѓу 20 и 40 години, ризикот од развој на кардиоваскуларни заболувања подоцна во животот се зголемил за 53 проценти.

Младата зрелост е таканареченото „време на транзиција“ – завршување на училиште, започнување кариера, формирање семејства и справување со здравствени промени. Тоа е исто така период кога здравјето на срцето често флуктуира. Затоа раната зрелост е идеален прозорец за она што истражувачите го нарекуваат примарна превенција – градење и одржување здрави навики пред да се појават фактори на ризик за срцеви заболувања како што се висок крвен притисок или дијабетес.

– Овие наоди истакнуваат поширока порака за јавното здравје – инвестирањето во превенција на фактори на ризик преку промоција на здравјето во текот на младоста може да донесе доживотни придобивки, намалувајќи го вкупниот товар на срцевите заболувања за идните генерации. Превенцијата на кардиоваскуларните заболувања започнува со промоција на кардиоваскуларното здравје во раниот живот – нагласил д-р Џејмс Гуо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот