Научниците открија целосно нов „свет“ во центарот на Земјата: Сега се збунети како е тоа можно
Кога на училиште учиме за јадрото на Земјата, обично ни го прикажуваат како совршено мазна, мирна и округла сфера, сместена длабоко во внатрешноста на планетата. Но вистинската слика е многу посложена. Железното јадро создава силно магнетно поле што се протега далеку во вселената, судирајќи се со соларниот ветер и создавајќи ја магнетосферата. Овој „одраз“ на јадрото покажува дека тоа не е воопшто статично.
Препорачано
Во последните години, анализите на сеизмичките бранови откриваат дека границата на јадрото е многу подраматична отколку што се мислело: во него постојат планини, долини, одрони и можеби дури и „внатрешни вулкани“ кои го менуваат неговиот облик, пишува „Би-би-си Санес фокус“.
Планини поголеми од Монт Еверест – скриени под нашите нозе
Сеизмичките истражувања покажаа огромни структури кои се издигнуваат од јадрото кон долниот слој на Земјата. Некои достигнуваат висина од 1.000 километри – сто пати повеќе од висината на Монт Еверест. Тие се повисоки и од Олимп Монс на Марс.
Овие откритија отвораат ново прашање: Дали јадрото отсекогаш било толку динамично?
Два гигантски масиви под Земјината површина
Под Африка и под Пацификот се наоѓаат две огромни формации – на околу 2.000 км длабочина. Масивот под Пацификот е широк 3.000 км, речиси колку Месечината. Заедно, зафаќаат околу 6 отсто од волуменот на целата Земја.
Наречени се Тузо и Џејсон, според геолозите Тузо Вилсон и Џејсон Морган. Иако често се нарекуваат „планини“, научно се класифицираат како провинции со ниска брзина (LLVP) – региони кои ги забавуваат сеизмичките бранови.
Порано се верувало дека овие структури се привремени, но новите анализи покажуваат дека можеби постојат веќе милијарди години.
„Гробишта“ на тектонски плочи
Околу LLVP се наоѓаат зони каде потонатите тектонски плочи завршуваат со движењето. Овие области покажуваат дека LLVP содржат поголеми минерални зрнца – знак дека се многу постари од околниот материјал. Ова целосно го менува досегашното разбирање за средниот слој на Земјата, за кој се сметаше дека е во постојано движење без долготрајни стабилни структури.
Дали потонатите плочи создаваат планини во јадрото?
Една хипотеза вели дека овие масиви се остатоци од поранешна планета која се судрила со Земјата и од која настанал Месечината. Но нови истражувања од 2025 година сугерираат дека масивите имаат различен состав – што значи дека можеби потекнуваат од понови субдукциски процеси.
Во 2024 година откриени се „фрагменти“ кои личат на потонати плочи дури и во области без тектоничка активност, како западниот Пацифик – што навестува дека внатрешноста на Земјата крие многу постар и посложен материјал.
Зони со ултраниска сеизмичка брзина, ново откритие веднаш над јадрото
Во август 2024, научници идентификуваа огромна мрежа на ULVZ зони (ultra-low velocity zones) во долниот слој од Земјата. Таму сеизмичките бранови патуваат и до 50 отсто побавно. Претходно се познати само под Хаваи, но сега се откриени и под Северна Африка, Источна Азија и Пацификот. Најверојатно настануваат со топење материјал од океанските гребени што потоа тоне и се таложи.
Прстенеста аномалија во самото јадро
Во август 2024 е откриена прстенеста структура паралелна со Земјиниот екватор, каде сеизмичките бранови патуваат 2 отсто побавно. Можно е оваа зона да е богата со лесни елементи како кислород и силициум. Има и докази дека внатрешното јадро го менувало својот облик во последните 20 години, што укажува дека течното надворешно јадро го „влече“ цврстото внатрешно јадро. Овие процеси може да создаваат длабински одрони или внатрешна вулканска активност.
Кога ќе се олади јадрото – Земјата ќе стане ненаселива
Како што јадрото постепено се лади и се стврднува, Земјата полека го губи своето магнетно поле. Без него, атмосферата би била разнесена од соларниот ветер – сценарио слично на она што се смета дека му се случило на Марс.
Тајната на хелиум-3
Редок изотоп, хелиум-3, може да го објасни темпото со кое се формирала Земјата. Ново истражување на Универзитетот во Токио покажува дека хелиум-3 може да се меша со железото во јадрото, спротивно од претходните претпоставки. Доколку се пронајде во поголеми количини, тоа би значело дека Земјата се формирала многу побрзо отколку што досега се мислело.


