Научниците останаа без зборови за да опишат колку е вжештена планетата

Идното лето ќе биде уште пожешко - Фотографија ЕПА, Андре Коелјо

Изминатиот месец не само што бил најтоплиот септември откако се мери температурата, туку бил и за половина Целзиусов степен потопол од досегашниот рекорд.
Септември е третиот месец во низа што ги соборил историските рекорди, што ги потврдува проекциите дека оваа година е најжешката уште од времето на Леденото доба.

Просечната глобална температура во изминатиот септември била за 1,8 степен повисока отколку во соодветните месеци пред Индустриската револуција – референтниот период по кој човештвото засилено испушта гасови што ја загадуваат атмосферата и го предизвикуваат ефектот на стакленичка бавча.

Графиконите покажуваат стабилно зголемување на просечните температури од година в година, но климатолозите веќе со месеци наназад предупредуваат дека идната година ќе биде екстремно жешка и ќе отстапува од просекот, како последица од феноменот Ел нињо – загревање на површината на океаните, кое веќе почна и ќе кулминира во следните неколку месеци. Дури во 2025 година може да се очекува релативно „заладување“ на планетата, но само во споредба со претходните неколку години.

– Септември беше, според моето професионално мислење како климатски научник, апсолутно споулавен, за преку 0,5 степени пожежок од претходниот и за околу 1,8 степен потопол од прединдустриското ниво – забележа Зеки Хаусфадер од Климатскиот проект на универзитетот Беркли.

Професорот Ед Хокинс од Универзитетот во Ридинг го опишува целото лето како „ненормално“, а Мика Рантанен од Финскиот метеоролошки институт вели: „Сѐ уште се мачам да сфатам како е можно толку многу температурата да се зголеми во споредба со претходните години“.

– Температурите без преседан во ова време од годината ги пробија сите рекорди за неверојатно многу. Оваа година е на пат да биде најтоплата, со просечна темпратура за 1,4 степен повисока од прединдустриското ниво – изјави Саманта Бургес од сервисот за климатски промени „Коперникус“ на Европската Унија.

Ситуацијата е страшна и на јужната хемисфера. Австралиската експертска за клима Џоел Гергис предупредува: „Показателите за австралиската клима во септември се шокантни. Максималните температури се највисоки откако се следат, во некои региони дури 3 до 5 степени над просечните. Слабите врнежи укажуваат на суша. Летото ќе биде брутално“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот