Настава на телевизија е „гола вода“, образовниот процес стагнира за 40.000 ученици во земјава

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Според официјалните податоци околу 40.000 ученици ширум земјава не се во состојба да следат онлајн настава поради предизвици од техничка природа (немање интернет, ИТ уред и слично), па се наметнува прашањето како и дали тие ќе бидат вклучени во образовниот процес до крајот на годината.

Од Министерството за образование и наука јавија дека 88 отсто од учениците успешно следат онлајн настава, а за останатите 12 отсто се организираат 15-минутни часови на телевизија и наставниците имаат обврска да им испраќаат печатени материјали на учениците, со цел и тие да не бидат целосно исклучени од предавањата.

Телевизиските часови не си ја вршат работата

Родител на седмоодделенец чиј идентитет е познат на редакцијата, но сакаше да остане анонимен, го изрази својот револт од телевизиските часови, истакнувајќи дека државата не се погрижила доволно за оние кои немаат технички средства да го следат наставниот процес.

-Живееме во рурална средина, но моето дете е добар ученик. Сака и се труди да научи, но не може. За 15 минути од телевизија не може ништо да сфати. Мака мачиме со математиката, квадратни корени, задачи…не знам како ќе се избориме со ова, ни претстои тешка учебна година. Часовите на телевизија се буквално гола вода и од нив ништо неможе да се научи – вели родителот.

Околу 40.000 ученици немаат опрема за онлајн настава, часовите ќе ги следат на телевизија

Најголем проблем според него е што целата учебна година ќе биде пропадната, а стравува дека проблемот може да се продлабочи и догодина.

-Се чувствуваме немоќни и јас и сопругата немаме можност да му ги обезбедиме сите услови за онлајн учење, оваа учебна година за нас е веќе во аут, но што е со следната, дали ќе се најде соодветно решение или повторно ќе тапкаме во место? – прашува родителот, кој вели дека никој не гарантира оти пандемијата нема да трае и догодина и апелира што побргу да се најде решение за неговото дете и за сите кои се соочуваат со истите потешкотии. 

Колку ученици се соочуваат со истиот проблем?

Статистички гледано според информациите на Државниот завод за статистика од почетокот на учебната 2019/20 година во земјава имаме вкупно 981 редовни основни училишта со вкупно 187.240 ученици, додека бројот на средни училишта изнесува 130 со вкупно 69.980 ученици.

Кога ќе го собереме бројот на сите редовни ученици од основно и средно образование излегува дека имаме вкупно 257,220 ученици, од кои како што веќе е познато 40.000 неможат да следат онлајн настава, што значи дека во просек, според една груба проценка, околу 36 ученици од секое редовно училиште во земјава немаат пристап до онлајн наставата.

Станува збор за поголем број на ученици отколку што има во еден просечен училишен клас во земјава, а кои поради немањето технички средства наставатата можат да ја следат само преку телевизија, што секако претставува голем проблем кога е квалитетот на образованието и воопшто  писменоста на учениците во прашање. 

Пандемијата скрати 20 отсто од она што се подобри во образованието

Предвидувањата на Светска банка за тоа образовниот процес во земјава не се воопшто добри, односно тамошни експерти тврдат дека квалитетот на образованието кој и пред пандемијата не бил на завидно ниво, сега ќе доживее дополнително влошување.

– Едно дете што сега ќе се роди, ќе искористи само 56 отсто од својата продуктивност, за разлика од можноста за искористеност на 100 проценти ако би имало квалитетно образование – вели економистот на Светска банка, Бојан Шамбов.

Тој објаснува дека е многу важно во иднина повеќе да се вложува во образованието затоа што македонските деца постигнуваат лоши резултати на тестирањата.

Програмата за меѓународно оценување на деца од 15-годишна возраст ПИСА, во 2018 година покажала дека кај нашите деца има напредок за 40 поени во однос на 2015 година, но резултатите сѐ уште биле лоши.

Рецесијата се продлабочува, мерките помогнаа, но има и голем долг

– Во практика, оценката значи како нашите деца да имаат 2,5 години помало образование од просекот утврден од ОЕЦД – вели Шамбов.

Оваа состојба, според него уште повеќе се влошила со коронакризата и со новиот начин на онлајн учење, така што 20 отсто од она што беше подобрено сега е загубено. 

МОН: Работиме на надминување на предизвиците од техничка природа за непречена онлајн настава

За состојбата со оваа група на ученици го контактиравме и Министерството за образование и наука, од каде велат дека бројот на ученици кои следат онлајн настава е зголемен за 18 отсто, а информираат и дека се работи на тоа сите ученици да се вклучат во онлајн настава.

-Бројот на ученици кои успешно следат онлајн настава од почетокот на учебанта година до сега е зголемен за 18% и до овој момент изнесува 88%. И сето ова е резултат на координиран пристап на Министерството за образование и наука и сите општини, градоначалници, директори на училишта и наставници, за тековно надминување на предизвиците од техничка природа со кои се соочуваат учениците за непречена онлајн настава. Така што, оваа интензивна заложба продолжува и во периодот што следи, сé до целосно овозможување на пристапот до онлајн настава за сите ученици во земјата – велат од МОН.

Онлајн наставата и натаму сериозен предизвик за наставниците и родителите

На конкретното прашање за оние ученици кои немаат уреди за онлајн настава, од МОН не ни одговорија ништо околу тоа дали ќе им се обезбедат средства за следење на часовите, туку само повторија дека согласно нивниот план часови ќе се одржуваат на телевизија.

– Согласно планот за реализација на учебната 2020/2021 година, за учениците кои имаат слаба интернет конекција или немаат уреди за следење на онлајн наставата, секојдневно со однапред утврден распоред се емитуваат 15 минутни часови на Националната радио телевизија. Наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со нив со што во континуитет ќе го следат совладувањето на материјалот – додаваат од МОН.

Новата учебна година во пандемиски услови започна на 1 октомври, а се повеќе ученици се префрлуваат на онлајн настава, како резултат на зголемениот број на ученици и наставници кои се во изолација поради ковид-19.

МОН: Наставата се одвива непречено, заразени под 1 отсто од учениците и кадарот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот