Рецесијата се продлабочува, мерките помогнаа, но има и голем долг

Рецесијата се продлабочува во Северна Македонија и таа ќе биде најголема во изминативе две децении, оцени Светска банка, презентирајќи го редовниот есенски извештај за земјите од Западен Балкан.

„Ковид-19 пандемијата силно ја погоди Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година“, пишува во Извештајот.

Сепак, според табелата што ја презентираше Светска банка, економскиот пад на нашата држава е умерен во однос на другите земји. Според предвидувањата, најголем пад ќе има економијата на Црна Гора минус 12,4, потоа е Косово со минус 8,8 проценти, Албанија со минус 8,4 проценти, па Македонија со прогнозиран пад на бруто-домашен производ од 4,1 проценти за оваа година, а подобри се прогнозите за Босна и Херцеговина – минус 3,2 проценти и Србија минус 3 проценти. Прогнозата за цел Западен Балкан е минус 4,8 проценти, а за ЕУ е минус 8,4 проценти.

Јавните приходи ќе мора да се зголемуваат

Директорката на Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија, Сања Маџаревиќ-Шујстер, оцени дека економските пакети за помош на населението и на стопанството во нашата земја се извонредни, но потенцираше дека зголемувањето на јавниот долг на 60 отсто од БДП, што е за дури 10 процентни поени повеќе од лани, е големо зголемување и дека фискалната консолидација во идниот период треба да ѝ биде главна цел на македонската влада.

Бојан Шимбов, економист во Светска банка, објасни дека за фискалната консолидација се неопходни поголеми јавни приходи, кои и онака, и пред пандемијата, биле помали во однос на околните земји.

– Пандемијата има големо влијание врз јавните приходи. Пред пандемијата, тие беа нешто повеќе од 30 проценти од БДП, а во другите земји во регионот, на пример во Србија и во Црна Гора, тие се поголеми од 40 проценти. Во периодот по ковид-кризата треба да се зголемат јавните приходи, за да се остави простор за активирање на таканаречените фискални бафери ако се јават ситуации како оваа, или некои други – рече Шамбов.

Како начини за зголемување на јавните приходи, Шамбов го спомена намалувањето на даночни ослободувања, потоа поголема даночна наплата, особено потенцирајќи дека разликата меѓу наплатениот ДДВ и оној што може да се наплати е 37 проценти, што е најголема разлика во регионот. На расходната страна, пак, објасни Шамбов, треба да се зајакнат јавните инвестиции, ќе мора да има рестрикции на трошењето, а потребно е и формирање фискален совет од независни експерти, со цел долгорочна одржливост на јавните финансии. Во однос на расходната страна, Шамбов рече дека ќе мора да се преиспита и давањето државна помош и разни субвенции, затоа што некои ставки се и поголеми од европските, а од друга страна е оценката на ефектите.

Во вториот квартал од годината 17.690 луѓе загубија работа

Невработеноста е редовна тема за која се зборува при презентациите на извештаите на Светска банка. Во Извештајот е нотирано дека „Северна Македонија го ублажи влијанието од кризата врз пазарот на труд, но стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, за првпат од 2011 година, бидејќи во вториот квартал од годината 17.690 лица ги загубија своите работни места“.

Може да се забележи дека оваа бројка е поинаква и поголема од онаа што ја објавува Агенцијата за вработување, според која од 11 март до 30 септември од работа биле одјавени речиси 15.000 луѓе. Но Светска банка ги зема предвид и оние што останале без работа, а кои не биле во системот на формално вработување со платени придонеси за пензиско и здравствено осигурување.

Пандемијата скрати 20 отсто од она што се подобри во образованието

Едно дете што сега ќе се роди, ќе искористи само 56 отсто од својата продуктивност, за разлика од можноста за искористеност на 100 проценти ако би имало квалитетно образование, вели економистот на Светска банка, Бојан Шамбов.

Тој објаснува дека е многу важно во иднина повеќе да се вложува во образованието затоа што македонските деца постигнуваат лоши резултати на тестирањата. Програмата за меѓународно оценување на деца од 15-годишна возраст ПИСА, во 2018 година покажала дека кај нашите деца има напредок за 40 поени во однос на 2015 година, но резултатите сѐ уште биле лоши.

– Во практика, оценката значи како нашите деца да имаат 2,5 години помало образование од просекот утврден од ОЕЦД – вели Шамбов.

Оваа состојба, според него уште повеќе се влошила со ковид-кризата и со новиот начин на онлајн учење, така што 20 отсто од она што беше подобрено се загуби.

Светска банка не очекува национално заклучување

Економистите на Светска банка не очекуваат земјите повторно да имаат целосно заклучување, туку сметаат дека тоа ќе биде фокусирано на одредени дејности или географски области.

– Очекуваме баланс меѓу економските мерки и рестрикциите – вели Маџаревиќ-Шујстер.

Според Шамбов, шокот што ќе го предизвикаат рестриктивните мерки ќе биде помал отколку оној во март и во април.

– Ако ја следиме потрошувачката, може да видиме дека има зголемен промет на картички што значи дека луѓето стекнаа една поинаква навика која го зголемува прометот. Во однос на угостителските објекти, тие се ориентираа и кон испорака на храна за дома или на кафе за носење – рече Шамбов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот