Наредната година ќе се издадат две еврообврзници по 500 милиони евра

На странскиот пазар наредната година треба да се задолжиме со 1,3 милијарди евра. Така е планирано во Буџетот за 2026 година, а Министерството за финансии прави планови како да ги обезбеди парите.

– Износ од 1,3 милијарди евра е преголем за еврообврзница. Решивме да направиме некаква комбинација помеѓу некакво странско задолжување, разговараме со повеќемина, вклучувајќи ја и Светска банка. Ќе видиме што ќе биде најповолно. Прво размислувавме за тоа да одиме со еврообврзница од 950 милиони евра. Меѓутоа, како поминува време, се бори професионалецот во мене, да не ги туркам работите кон следниот по мене, како што мене ми се случи – четири години по ред да имам за враќање по една еврообврзница, туку да издадеме две еврообврзници по 500 милиони евра со различни рочности, со тоа што таа што ќе биде подолгорочна ќе биде и со повисока камата. За тоа знам дека ќе бидам напаѓана, но тоа е затоа што им мислам добро на граѓаните и на некој иден министер кој едно утро нема да се разбуди во 2030 година со долг од 950 милиони евра што треба да се врати. За тоа сега разговарам и најверојатно ќе бидат две еврообврзници по 500 милиони евра издадени во првиот квартал од идната година – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа објасни и дека за да биде ликвидна обврзницата треба да биде најмалку 500 милиони евра, само така може да се продава на секундарен пазар.

– Ако не се продава на секундарен пазар тогаш помал е интересот повисока е камата – појасни министерката.

Министерството за финансии објави дека јавниот долг на крајот на третото тримесечје од 2025 година изнесува околу 9,6 милијарди евра, што е околу 57,7 проценти од бруто домашниот производ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот