Автобуси и гужва на автобуска станица - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Автобуси и гужва на автобуска станица - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Наместо модерен превоз, за неколку децении преполовен бројот на автобуси во Скопје

Ако пред 45 години ЈСП располагал со 300 автобуси во сообраќај, досега превозот требаше да се модернизира и да има и трамвај или метро како во европските градови или во главните градови во регионот. За разлика од нив, ние имаме јавен превоз со преполовен возен парк, односно само околу 160 градски автобуси по улиците и никаква друга алтернатива за јавен превоз.

Скопјани кои секојдневно користат јавен градски превоз, во иднина ќе можат да очекуваат потребниот автобус да им пристигне како што е прикажано во возниот ред на ЈСП, затоа што мнозинството советници во актуелниот состав на Советот на Град Скопје конечно ги изгласаа измените на Одлуката за линиски превоз на патници во Скопје. Тоа значи дека сега возниот ред ќе се приспособи на состојбата на терен, односно со бројот на автобуси што реално сообраќаат по скопските улици.

Интересно е тоа што измените сега ги изгласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, додека нивните колеги од истата партија во претходниот состав не дозволуваа да се направат измените затоа што со нив се ќе редуцирал бројот на поаѓања на автобусите, кој секако веќе беше редуциран.

Па, така, граѓаните веќе неколку години не само што се измачуваат со недоволниот број автобуси, туку не знаат ни кога ќе им пристигне автобусот што го чекаат затоа што ниту возниот ред ниту информативните дисплеи по станиците досега не беа приспособени со возниот парк на ЈСП и на приватните превозници штосе пушта во сообраќај .

Единствен бенефит од оваа одлука е што граѓаните ќе бидат точно информирани за пристигнување на автобусите на автобуските станици. Оваа одлука советниците на ВМРО-ДПМНЕ во претходниот состав ја блокираа три години со образложение дека тие нема да гласаат за укинување и намалување линии. Реалноста е таа што голем дел од линиите се укинати затоа што на ЈСП му недостасуваат најмалку 200 автобуси. Исто така четири години го блокираа купувањето нови автобуси и проектот за БРТ – посочи советникот од ВМРО-НП, Горан Арсов.

Според него, жално е ЈСП да го опслужува градот само со 160 автобуси, ниво на кое Скопје не било од 70-тите години на минатиот век.

Само за потсетување, во 1980 година ЈСП имало 300 автобуси во сообраќај. Треба да бараме начин за купување уште 100 нови автобуси и 30-40 минибуси, зашто овие што сега сообраќаат се со просечна старост од 15 години и прашање е дали ќе ги дочекаат новите што ќе ги набави Владата – рече Арсов.

Тој предложи, додека се надмине лошата состојба со автобускиот превоз, да се размисли на пензионерите да им се овозможи секојдневно бесплатен превоз во периодот од 10 до 14 часот и по 17 часот за да се избегне создавање метеж во возилата.

Според независната советничка Јана Белчева, потребно е анкетирање на граѓаните за да се утврди потребата од линии. На пример, како што истакна, на булеварите „Илинден“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“ треба да има повеќе линии, а не концентрацијата на автобуси да е само на „Партизанска“.

Одлуката звучи како да се однесува на систем што функционира и на кој му треба само мала оптимизација, а не како да се однесува на систем што е во целосен колапс, во којшто автобусите доцнат, стари се и загадуваат, не се редовни и луѓето ги чекаат на постојки полни со отпад, смета советникот од СДСМ, Горан Симоноски. Како што рече, ова не е оптимизација, ова е распад на системот, затоа што со неа се намалува бројот на поаѓања на автобуси, се намалува возниот ред и се приспособува на неговата нефункционалност.

Единствено добро е што сега конечно знаат дека кога автобусот нема да им дојде не е само проблем на ЈСП, тоа е проблем на институциите. Тие што ја бараа целосната доверба ја добија, но во испорака на ветуваното ги нема нигде – рече Симоноски.

И навистина, доколку се погледнат донесените измени, ќе се забележи дека автобусите што порано сообраќале на 10 или 15 минути, сега сообраќаат на 20 или 25. На пример, на линијата со број 2, каде што според актуелниот возен ред се запишани 5 поаѓања од Сарај во периодот од 7 до 8 часот, со измените има 4.

Затоа, пак, последната станица на некои линии е продолжена, на пример автобусот на линија 4 ќе вози наместо до населбата 11 Октомври, до Усје.

ФОТО | Додека се чекаат новите автобуси, ЈСП може барем да ги исчисти старите

Можеби најголеми промени има во возниот ред во сабота и недела каде од едно до друго поаѓање на некои линии има 40, па и 50 минути, а со измените воопшто не се опфатени ноќните линии, па се претпоставува дека кај нив нема промени.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на забелешките од советниците за редуцираните линии објасни дека измените во возниот ред се направени врз основа на ресурсите со кои моментално располага ЈСП.

Знаете каква состојба наследивме и еве сега е започната набавка од страна на Владата на 100 автобуси, а и со БРТ ќе има уште најмалку 40 автобуси – рече градоначалникот.

За неговиот сопартиец, советникот Славчо Мисајлески, најавата на Владата за набавка на 100 автобуси и на градоначалникот за почеток на изградба на БРТ дава оптимизам дека во овој мандат ќе може да се создаде квалитетен јавен превоз.

Со овој линиски превоз граѓаните ќе имаат предвидливост на тргнувањата на сите линии што се опфатени. Причината зошто претходно ја немаа таа предвидливост е што со воведување на „Безбеден град“ се пролонгира времето на тргнување и доаѓање на автобусите – рече тој.

На седницата присуствуваше и директорот на ЈСП, Сашо Илиевски, но тој и покрај прашањата упатени кон него или кон ЈСП, не излезе на говорница да даде некакво објаснување поврзано со изменетиот возен ред.

Како и да е, добро е што се направија измените за граѓаните да можат да си го испланираат движењето низ Скопје со автобус, во овие сегашни катастрофални услови со превозот. Затоа што нејасно е како јавниот градски превозник се доведе во состојбата во која се уназадува наместо да се развива.

Ако пред 45 години ЈСП располагал со 300 автобуси во сообраќај, досега превозот требаше да се модернизира и да има и трамвај или метро како во европските градови или во главните градови во регионот. За разлика од нив, ние имаме јавен превоз со преполовен возен парк, односно само околу 160 градски автобуси по улиците и никаква друга алтернатива за јавен превоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот