ФОТО | Додека се чекаат новите автобуси, ЈСП може барем да ги исчисти старите
Обидот да се добие одговор од ЈСП со која динамика се одржува хигиената во автобусите и колку често се мијат однадвор – остана неуспешен. Тоа значи дека нема објаснување дали новото раководство направило некакви промени во врска со чистотата на автобусите.
Доколку тендерот за набавка на нови 150 електрични автобуси, од кои 100 треба во иднина да возат по скопските улици, биде успешен, возниот парк на ЈСП уште до крајот на оваа година ќе започне да се подновува, кога треба да бидат испорачани првите купени автобуси. Дотогаш, на скопјани не им преостанува ништо друго освен да се снаоѓаат со овие што моментално сообраќаат низ градот, кои не можат да се „пофалат“ со точност, а уште помалку со хигиена.
Препорачано
Голем е бројот на граѓаните што искажуваат незадоволство од хигиената во автобусите, но уште е поголем бројот на луѓето што секојдневно сведочат во каква лоша состојба се автобусите на ЈСП „Скопје“, затоа што тоа се гледа и однадвор. Дел од нив изгледаат како никогаш да не ги допрела вода, со наталожена прашина на каросеријата и по стаклата на прозорците. Такви возат низ градот и такви нечисти превезуваат патници.

Притоа, од ЈСП „Скопје“ со години наназад тврдат дека автобусите секојдневно се чистат навечер по враќањето во автобазите во Ѓорче Петров и во Автокоманда. Според нив, автобусите се мијат надворешно на крајот од денот и се собира ѓубрето од возилото, но притоа никогаш не забораваат за нехигиената во автобусите да ги обвинат граѓаните кои, како што тврдат, се однесуваат несоодветно во однос на хигиената.

Точно е дека дел од патниците се однесуваат неодговорно во автобусите и дека ѓубрето во возилата го прават тие, но граѓаните никако не можат да бидат виновни за прашината и за засушената кал на автобусите. И прашање е дали е можно, доколку возилата се мијат секоја вечер да се прекријат со нечистотија до првата станица?
ЈСП брои „олдтајмери“, само 12 отсто имаат Еуро 6 стандард, речиси половина се неисправни
Сегашниот обид да се добие одговор од ЈСП на оваа тема, поточно за тоа со која динамика се одржува хигиената во автобусите и колку често се мијат однадвор со оглед на тоа дека низ улицата возат навистина нечисти автобуси – остана неуспешен. Тоа значи дека нема одговор дали новото раководство направило некакви промени во врска со одржувањето на хигиената на автобусите.
Однадвор изгледа како на нив да се залепила цела прашина од скопските улици, а во голем број од автобусите, прозорците и вратите се толку нечисти што не можам да видам на која автобуска станица се наоѓам. Особено во оние автобуси што преку прозорците се излепени со реклами, а врз рекламата плус имаат талог прашина. Можат да се „вадат“ за сѐ, ама за да се исчистат автобусите треба само добра волја, која очигледно ја нема – вели Марјан К. од Аеродром, редовен корисник на јавен градски превоз.

Она што скопјани го забележуваат во последните месеци тоа е дека за првпат состојбата на автобусите на приватните превозници е многу подобра отколку на градското сообраќајно претпријатие. Како што е познато, при крајот од минатата година приватните превозници го обновија својот возен парк со 50-ина речиси нови автобуси, а дотраените ги тргнаа од улиците.
Сепак, збунувачки е тоа што сите нивни автобуси не се црвени, туку има и бели, иако е правило сите возила што вршат јавен превоз во Скопје да бидат во црвена боја.
Неодамна се качив во приватна 19-ка и не можев да поверувам дека има такви автобуси во градот. Внатре чисто, седиштата чисти, стаклата малку затемнети за да им биде пријатно на патниците, дури и мирисаше како штотуку да е чистено. Значи, автобус какви што има во европските градови, а не крнтии во какви што се возиме ние тука. Единствено ме збуни затоа што е бел, па кога се доближуваше до станицата, мислев дека е патнички меѓуградски автобус – вели друг наш соговорник со кого разговаравме на автобуска станица додека чекаше автобус.

И не е само нечистотијата на автобусите она што го забележуваат однадвор граѓаните. На дел од нив им недостасуваат задните штоп-светла, накои се потчукнати, оштетени и слично.
На што личат автобусиве, срамота! Пред некој ден застанав со возилото на семафор зад автобус и го гледам и не ми се верува – му фалат светла, штоп светлата искршени. Не ми е јасно како вака ги пуштаат во сообраќај? – реагираше граѓанин во нашата редакција.
Од ЈСП „Скопје“ си молчат и ги чекаат новите автобуси. Можеби тогаш конечно од сообраќај ќе се тргнат старите, расклатени и оштетени возила, кои едвај се тркалаат по улиците и кои се под сите стандарди за да бидат дел од она што се нарекува јавен превоз.



