Најочекуваното финале: Нетфликс „падна“ за време на премиерата на петтата сезона од „Почудни нешта“
Популарната филмска платформа Нетфликс накратко се сруши вчера, веднаш по почетокот на првите четири епизоди од последната, петта сезона на култната серија „Почудни нешта“ (Stranger Things), пишува „Пипл“.
Препорачано
Премиерата беше објавена во 17 часот по тихоокеанскиот часовен појас, но бројни гледачи беа изненадно „заклучени“ од платформата во моментот кога се обидоа да влезат во мистичниот свет на „Превртено“.
„Нетфликс, поправи се веднаш, чекав три години!“, напиша револтиран обожавател на социјалните мрежи. „Боже, ве молам средете го ова, сакам да гледам!“, додаде друг. И покрај паниката кај корисниците, падот не траел долго.
„Некои корисници накратко имаа проблем со емитувањето преку телевизиски уреди, но услугата беше целосно обновена за помалку од пет минути“, соопштија од „Нетфликс“ за списанието „Пипл“.
Интересно е што само неколку часа претходно, Рос Дафер — еден од создавачите на серијата — на Инстаграм објави дека „Нетфликс ја зголемил ширината на интернет-опсегот за 30 проценти за да спречи пад“. Но, очигледно, интересот на гледачите бил поголем од очекуваното.

Да потсетиме, првиот тизер за последната сезона на „Почудни нешта“ беше објавен во 2024 година и откри дека новите епизоди се сместени во есента 1987 година. Тоа е помал временски јаз од претходните шпекулации, со оглед на тоа што четвртата сезона беше поставена во пролетта 1986 година. Епската финална сезона ќе ги обедини сите омилени ликови во последниот судир со мрачниот свет „Превртено“.
Во актерската екипа се Мили Боби Браун, Дејвид Харбур, Фин Волфхард, Гејтен Матарацо, Калеб Меклафлин, Ноа Шнап, Сејди Синк, Наталија Даер, Чарли Хитон, Џо Кири, Винона Рајдер и други.
Браќата Дафер открија дека петтата сезона ќе биде пократка од претходната, која траеше околу 13 часа.
„Ќе биде многу подинамична. Нема долго загревање — почнуваме директно“, изјави Мет Дафер за „Врап“.
Според официјалните податоци, сезоната ќе има осум епизоди. Рос Дафер минатиот месец ги сподели и должините на првите четири:
- Епизода 1: 1 час и 8 минути
- Епизода 2: 54 минути
- Епизода 3: 1 час и 6 минути
- Епизода 4: 1 час и 23 минути
Следните три епизоди ќе бидат објавени на 25 декември, а финалната епизода — големото збогување со серијата — ќе пристигне на 31 декември.
ВИДЕО | „Се плашам“: Обожавателите на „Почудни нешта“ се загрижени по изјавата на Мили Боби Браун


