ВИДЕО | „Се плашам“: Обожавателите на „Почудни нешта“ се загрижени по изјавата на Мили Боби Браун
Реакцијата на Мили Боби Браун на прашањето за судбината на нејзиниот лик Елевен во серијата „Почудни нешта“ (Stranger Things) предизвика паника меѓу обожавателите. Последната сезона на популарната серија веќе пред емитувањето е опкружена со контроверзии, најмногу поради наводната тужба што Браун наводно ја поднела против колегата Дејвид Харбур за злоупотреба и вознемирување, пишува „ЛЕДбајбл“ (LADbible).
Препорачано
И покрај тоа, актерската екипа се појави обединета на неодамнешната премиера. Но, краток исечок од ново интервју со младата актерка и нејзиниот колега Ноа Шнап ја вознемири публиката. На прашањето од јутјуб-каналот „Хуго Глос“ (Hugo Gloss) дали е задоволна од завршницата на својот лик, Мили направила гримаса, кимнала со глава и кусо промрморила: „Мм-хм“.
Таа реакција, која може да се види во видеото на 2:40 минута, потсети многумина на моментите пред финалето на „Игра на тронови“ (Game of Thrones). Тогаш, актерката Емилија Кларк стана вирална поради својата двосмислена реакција на прашањето како се чувствува за крајот на својот лик, кога саркастично изјави: „Најдобра сезона некогаш!“.
Обожавателите на „Почудни нешта“ веднаш реагираа на социјалните мрежи. „Лицето на Мили кога ја прашаа дали е среќна со крајот на својот лик… се плашам,“ напиша еден фан на Икс (поранешен Твитер). Друг додаде: „Што, за Бога, беше ова? Само се насмевна и кимна“.
Сепак, има надеж за гледачите. Мили Боби Браун подоцна изјавила дека последната, осма епизода ѝ е најомилена во целата серија. Некои обожаватели веруваат дека нејзината неодлучна реакција можеби само била начин да избегне да открие детали за очекуваниот крај.


