Рекордна исплата, неправедна распределба: 11 милијарди за Спотифај, премалку за музичарите
Стриминг-платформата Спотифај во текот на 2025 година исплатил дури 11 милијарди долари на глобалната музичка индустрија, што претставува рекорден износ, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
Според американските медиуми, ова е за една милијарда долари повеќе во однос на претходната година и воедно најголемата годишна исплата во историјата на музичката индустрија. Од своето основање во 2006 година, Спотифај има исплатено над 70 милијарди долари на носителите на музички права.
Во официјалното соопштение, директорот на музичкиот сектор на Спотифај, Чарли Хелман, нагласи дека и овојпат независните изведувачи и издавачки куќи учествувале со околу половина од вкупните исплатени авторски надоместоци.
„Денес Спотифај учествува со приближно 30 проценти од приходите од снимената музика. Во текот на минатата година нашите исплати пораснаа за повеќе од 10 проценти, додека останатите извори на приходи во индустријата бележеа раст од само четири проценти. Тоа го прави Спотифај клучен двигател на растот на музичката индустрија во 2025 година“, изјави Хелман.
Оваа објава доаѓа во период кога голем број музичари, а особено текстописци, укажуваат на реални проблеми поврзани со ниските надоместоци од стриминг-платформите. Сепак, важно е да се напомене дека Спотифај, како и повеќето вакви сервиси, исплатите ги врши кон носителите на правата – најчесто дискографски куќи и музички издавачи – кои потоа ги распределуваат средствата кон уметниците и авторите, задржувајќи свој процент.
Иако сумата звучи импресивно, многу музичари сметаат дека распределбата е неправедна, бидејќи поединечните автори добиваат минимални хонорари по стрим, додека најголемиот дел од парите завршува кај големите издавачки куќи и самата платформа. Тие предупредуваат дека „рекордната исплата“ во реалност не значи и достоинствен приход за мнозинството уметници, туку „трошки“ во споредба со профитот на платформата.
Хелман исто така истакнал дека повеќе од 750 милиони луѓе ширум светот денес плаќаат месечна претплата за стриминг-музика, на сите платформи.
„Како што растеше публиката, така ги зголемувавме и цените. Бидејќи Спотифај исплатува околу две третини од вкупните музички приходи назад во индустријата, со растот на нашите приходи растеа и исплатите“, додал тој.
На крајот, Хелман нагласил дека Спотифај досега им помогнал на уметниците да остварат повеќе од една милијарда долари од продажба на концертни билети, преку поврзување на фановите со настапи во живо преку партнерски платформи за продажба на билети.


