Надал ги откри разликите помеѓу Алкараз и Синер: Се работи за сосема спротивни стилови
Легендарниот тенисер изјави дека неговиот стил не наликува ни на оној на Алкараз, ни на Синер
Рафаел Надал откри дека не сличен ниту на Карлос Алкараз ниту на Јаник Синер. Тениската легенда меѓутоа ги откри разликите меѓу двајцата најдобри играчи во светот во моментов.
Препорачано
Шпанецот беше дел од легендарната генерација во машкиот тенис заедно со Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ, а нивната доминација брзо беше проследена со нова ера во тенисот, предводена од Алкараз и Синер.
Надал беше прашан за тоа со кого од двајцата тенисери се идентификува повеќе во интервју за шпанската веб-страница АС, при што истакна колку различни се тие од него, но и еден од друг.
– Не се идентификувам со ниту еден од нив. Тие се различни играчи од она како бев јас порано – изјави Надал.
Меѓутоа тој направи јасна разлика во стиловите на двајцата млади тенисери. Стиловите им се спротивни.
– Мислам дека Карлос е понепредвидлив: тој прави повеќе грешки, игра повеќе спектакуларни поени, а понекогаш нема толку дефиниран стил на играње, што го прави непредвидлив и забавен за гледачот – вели Надал.
За разлика од него Синер има сосема други особини.
– Јаник е пометодичен, пофокусиран играч, со подефиниран стил на играње, и додава притисок малку по малку, поради што е толку солиден и губи толку малку натпревари – вели Надал.

Алкараз е веќе шесткратен шампион на грен-слем турнирите на само 22 години, додека 24-годишниот Синер досега освои четири големи титули и стигна до финалето на секој грен-слем турнир во 2025 година.
– Понекогаш се чини дека Карлос е понеодреден, но кога ќе ги погледнете резултатите… тој имаше неверојатно конзистентна и солидна година на сите големи турнири – вели Надал.


