Над 3.000 евра дневно се фрлаат во Фонтана ди Треви, а годишната сума се проценува на 1,5 милиони евра!
Фонтаната ди Треви, еден од најпрепознатливите симболи на Рим и ремек-дело на барокната архитектура, привлекува илјадници туристи секој ден. Не само поради нејзината убавина, која ја дизајнирал и започнал Никола Салви, а ја завршил Џузепе Пањини во 1762 година, туку и поради популарната традиција на фрлање парички. Се верува дека фрлањето паричка носи среќа, исполнување на желбите и враќање во Вечниот град. Денес, оваа позната фонтана собира над 3.000 евра дневно од монетите што туристите ги фрлаат во нејзините води.
Препорачано
Годишно, таа сума се проценува помеѓу 1 милион и 1,5 милиони евра. Она што многумина можеби не го знаат е дека од 2001 година, сите собрани пари се пренасочуваат кон католичкиот хуманитарен фонд. Овој фонд користи средства за набавка на храна и финансирање на разни хуманитарни програми низ целиот свет, информира Каматица. Секој ден, по затворањето за посетителите, фонтаната се празни, а парите се собираат и одземаат.
Изградбата на фонтаната чинела 17.647 скуди, валутата на Папските држави во тоа време. Првото големо реновирање започна во 2014 година и траеше речиси година и пол, благодарение на финансиската помош на модната куќа „Фенди“, која донираше над два милиони евра за зачувување на римското културно наследство. Минатата година, дополнителни 327.000 евра беа потрошени за нејзино реновирање и реконструкција. Според легендата, ако фрлите паричка преку левото рамо со десната рака, тоа ви гарантира среќа, исполнување на вашата желба и, најважно, враќање во италијанската престолнина.


