Над 100 жртви во поплавите во Конго
Најмалку 104 лица загинаа во поплави во село во близина на брегот на езерото Тангањика во источна Демократска Република Конго, соопштија денес локални извори.
Препорачано
Локалниот функционер, Сами Калонџи, гувернер на регионот Фиџи, изјави дека во селото во неговиот округ имало најмалку 104 мртви и „огромна материјална штета“.
Жителите на селото Касамба, кое се наоѓа во покраината Јужен Киву, биле „фатени на спиење“ во ноќта од четврток кон петок, изјави Бернард Акили, раководител на секторот Енганџа.
Според Акили, поројните дождови предизвикале излевање на реката Касаба, а нејзините води однеле сè што нашле на патот, „големи камења, дрвја и кал, срамнувајќи ги куќите на бреговите на езерото“.
Повеќето жртви се деца и постари лица.
Уште 28 лица се повредени, а 150 куќи се уништени, додаде Акили.
Друг локален извор за АФП изјави дека досега се пронајдени 119 тела.
До селото Касамба се стигнува само преку езерото. Мобилната телефонска мрежа не работи во областа.
Ваквите катастрофи се вообичаени во Демократска Република Конго, особено на бреговите на големи езера опкружени со планини чии шуми се соголени поради ископување јаглен. Во 2023 година, 400 луѓе се удавија во неколку заедници на бреговите на езерото Киву, во покраината Јужен Киву.
На почетокот на април, најмалку 30 лица загинаа во главниот град Киншаса откако поројните дождови го зафатија подрачјето.
Климатските промени се делумно одговорни за зголемувањето на екстремните временски настани кои, според експертите, ќе се интензивираат на африканскиот континент.
До 2030 година, се проценува дека 118 милиони многу сиромашни Африканци (со приход помал од 2 долари на ден) ќе се соочат со суша, поплави и екстремни топлотни бранови.


